ИЗМАМЕН ЖИТЕЛ НА НЕГОТИНО СО ЛАЖНА ПОРАКА ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК, ПЛАТИЛ 27.000 ДЕНАРИ

    ИЗМАМЕН ЖИТЕЛ НА НЕГОТИНО СО ЛАЖНА ПОРАКА ЗА СООБРАЌАЕН ПРЕКРШОК, ПЛАТИЛ 27.000 ДЕНАРИОд МВР појаснуваат дека автентичните СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“ и задолжително содржат регистарска ознака на возилото.(Фото:СДК.МК)

    44-годишник од Неготино бил измамен со лажна смс порака дека сторил сообраќаен прекршок, по што платил 27.000 денари. Тој  на 19 август во ОВР Неготино, пријавил дека добил порака на телефон за наводно сторен сообраќаен прекршок со детали за начин на уплата на глобата во висина од 920 денари, за која било наведено дека ќе биде наплатена со попуст од 50 проценти и прикажана сума од 460 денари.

    „Пријавителот ги следел инструкциите и со картичката на неговата сопруга ја започнал постапката за уплата, по што му стигнала порака за успешна трансакција, а по кратко добил уште една порака и откако ја проверил сумата што му е повлечена од сметката сфатил дека бил измамен“, информираше Ана Милевска-Ѓеоргиева, портпарол на СВР Велес.

    Полицијата предупредува да не се отвораат овие лажни СМС пораки и да не се врши било каква исплата. МВР препорачува секогаш да се проверува адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции користат службени интернет-домени, како и да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на корисничките сметки. Сите сомнителни пораки треба веднаш да се пријават во надлежните институции или во матичната банка. Од МВР појаснуваат дека автентичните СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, задолжително содржат регистарска ознака на возилото.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира