Во земјава се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска и прва уловена угината птица, гавран, со западнонилска треска, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Новина од претходната состојба со епидемијата е дека има први случаи на заразени во општините Центар и Чаир. Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста.
„Сакам да се заблагодарам на граѓаните на Скопје бидејќи има голем број на дојави за угинати птици. Тие се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и помагаат да се прави натамошно евалуирање на ризикот од западнонилска треска“, рече тој.
Вообичаено, според медицинската светска статистика, кај околу 80 отсто од заразените со западнонилска треска има благи или воопшто нема симптоми. Околу 20 отстоод случаите развиваат треска, главоболка, повраќање, или осип. Кај помалку од 1 % од случаите, се јавува енцефалитис или менингитис, со вкочанетост во вратот, конфузност и епилептични напади. Закрепнувањето може да потрае со недели до месеци. Ризикот од смртност кај оние кај кои е зафатен нервниот систем е околу 10 проценти.
Министерот кажа дека со градоначалниците од скопските општини прават надоградба на активностите на Град Скопје, а разговараат и со општините кои не се дел од Град Скопје бидејќи Скопската Котлина е една целина.
„Комарците не познаваат општински граници, значи од 1 до 2 километри е радиусот на движење на комарците, така што мораме да ги земеме во предвид сите ситуации. Целта на состанокот е да ги лоцираме овие подрачја. Во некои општини, на пример во Сопиште, нема високоризични подрачја, а има случаи. Чучер-Сандево исто така во сопствената општина нема високоризични подрачја, ама има на границата со Бутел. Во овој момент работиме со 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични“, кажа министерот.
Критериумите за ризичност се два: застоеност на водата и високо ниво на органска материја. Река која е проточна, вели Клековски, која има риби во неа, самата по себе не е ризик, бидејќи штом е водата проточна, ризикот од ларви во неа е помал, а ако има жив свет – риби, значи нема многу органски материи и распадни материи, а и рибите се хранат со ларви. Во основа, значи треба да е застоена и да има отпад во таа вода.
„Примерите на високоризични се генерално каналите за наводнување во Скопско Поле, сите ископи од песок кои се наполнети со вода или мртви делови од реките. Серава е дел од проблемот во Радишани и во Бутел, каналите Идризово, Стајковци, Сингелиќ и Гази Баба, главниот канал во Илинден на Скопско Поле, каналите во Драчево, каналите Батинци и Студеничани. И она што го лоциравме се уште неколку видови на висок ризик што претходно не биле земени во предвид: тоа се септичките јами. Значи улиците и населените места со голем број на септички јами влегуваат во висок ризик. Гробишта – поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив. И третата група се отпади за стари гуми или генерално старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците. Нормално, ова е тоа што е видливо и тоа е веројатно помалиот дел. Многу поголемиот дел се невидливите работи или малите работи – расипани хидранти, саксии со цвеќе надвор што се чуваат, стари буриња со дождовница и така натаму. Значи, ризикот е застоена вода“, кажа Клековски.
Високоризичните места се лоцираат со геомапирање , а како ќе се додаваат, властите ќе организирата прскање.
Зборувајќи за западнонилската треска, Клековски рече дека потекнува од Африка, меѓутоа во моментот е распространета надвор од Африка: во Европа, Северна Америка и Јужна Америка. Иако се најпогодени медитеранските земји, Грција и Италија, вели дека тоа не се најјужните краишта на Грција и Италија.
„Значи, во Италија не е погодена Сицилија, во Италија е погодена Северна Италија – Ломбардија, делтата на реката По. Во Грција не е најпогоден Пелопонез, погодена е Атика и централна Македонија, како што ја класифицираат Грците, или по наше би било Повардарието. Во Србија најпогодено подрачје не е Врање, најпогодено подрачје е Војводина. Значи, вирусот не доаѓа од Африка па да ги погоди само медитеранските земји, тоа е широко распространето. Втората работа е дека епидемиите немаат правила. Албанија минатата година имаше 100 случаи, оваа година има 300 случаи. Во Италија, во последните 10 години има години со 50 случаи, има и години со 750 случаи. Јас сум сигурен дека во Ломбардија, во Милано и во Венеција прскале секоја година на истиот начин. Во однос на коментарите дека оваа година имаме вкупно случаи колку сите претходни, можам да кажам дека 2018 во Европа има колку претходните седум години. Значи, западнонилскиот вирус следи динамики кои се надвор од објективна контрола: климатски промени, рута на движење на птиците, температури. И ова не го кажувам за правдање, туку да разбереме дека епидемијата си има свој тек, дека ние можеме да направиме сè што можеме ,и тоа го правиме, меѓутоа си има свој тек“, рече министерот за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА



