ОБЛАЦИ ОД ПРАВ СЕ ДИГААТ НА ШАР ПЛАНИНА ОД ЧЕТИРИЦИКЛИ И МОТОРИ КОИ КРСТАРАТ НИЗ НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК

    ОБЛАЦИ ОД ПРАВ СЕ ДИГААТ НА ШАР ПЛАНИНА ОД ЧЕТИРИЦИКЛИ И МОТОРИ КОИ КРСТАРАТ НИЗ НАЦИОНАЛНИОТ ПАРКСо формирањето на НП „Шар Планина“ беше воспоставен режим за движење на моторни возила и беше изготвена прецизна карта со означени патеки по кои е дозволено движење, дел од посетителите не ги почитуваат овие правила. (Фото: СДК.МК)

    Во овие летни месеци, најубавите предели на Шар Планина се обвиткани во прав. За среќа, нема шумски пожари, но затоа има многу прашина која ја создаваат бројни посетители кои по терените на планината се возат со четирицикли, крос-мотори и други превозни средства. Заглушувачката галама и облаците прашина кои се креваат зад нив им пречат не само на останатите посетители на планината туку и на жителите од селата кои се во рамките на Националниот парк. Иако со формирањето на НП „Шар Планина“ беше воспоставен режим за движење на моторни возила и беше изготвена прецизна карта со означени патеки по кои е дозволено движење, дел од посетителите не ги почитуваат овие правила.

    „Со прогласувањето за Национален парк воспоставен е и нов режим за заштита, првично во согласност со Законот за заштита на природата, којшто наложува одредени зони да бидат непристапни за моторни возила. За таа цел е направен режим на движење уште пред три години, кога институцијата го усвои овој режим, а картата со дозволени и забранети патишта ја објавивме на нашата веб-страница и поставивме табли на сите влезови. Направивме баланс каде што ќе има тивки зони, како и зони во коишто оваа група посетители што сакаат вакво возење ќе можат да го посетат Националниот парк“, вели Анела Ставрова-Панајотова од НП „Шар Планина“.

    Од НП велат дека е многу тешко да се контролира целата површина бидејќи има осумдесетина влезови, а бројот на ренџери во паркот е минимален. Најголеми проблеми прават несовесните возачи кои не се движат по предвидените патеки, туку по пасиштата и планинските ливади, па дури имало и случаи со мотор да се искачуваат до Титов Врв, кој се наоѓа во зоната со најстрога заштита.

    „Во овие летни денови земјените патишта се исклучително суви, а движењето со поголема брзина создава големи облаци прашина. Прашината не е само непријатност – ситните честички што се креваат од сувите патишта се вдишуваат и можат да предизвикаат иритација на дишните патишта, кашлица и отежнато дишење. Исто така, многу често примаме поплаки дека на самиот Титов Врв, кај кулата, доаѓаат мотори. Со тоа тие влијаат врз критичните зони на резервоарите со вода за пиење кои тука се наоѓаат, затоа што по поминувањето на вакво возило се јавуваат ерозивни процеси кои повлекуваат други негативни последици. Нивното доаѓање таму значи многу уништени природни вредности и многу прав, а тоа им пречи не само на луѓето туку и на животинскиот свет кој тука опстојува“, вели Панајотова.

    Токму затоа, во апелот кој НП „Шар Планина“ го упатува до посетителите кои управуваат вакви моторни возила, се бара да се намали брзината при поминување покрај пешаци и велосипедисти, возилата непотребно да не се турираат за да не се крева дополнителна прашина и да не се создава бучава со која се вознемирува дивиот свет, како и да се вози исклучиво по дозволените и обележани патишта во Националниот парк.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира