ГОЛЕМОТО НЕВРЕМЕ НА 21 ЈУЛИ ВО ШТИП ГИ ПОТСЕТИ ШТИПЈАНИ НА ПУСТОШОТ ВО КОЈ НА 25 АВГУСТ 1995 ОД ГРОМ ЗАГИНАА ЧЕТВОРИЦА, МЕЃУ КОИ И ТРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО

    ГОЛЕМОТО НЕВРЕМЕ НА 21 ЈУЛИ ВО ШТИП ГИ ПОТСЕТИ ШТИПЈАНИ НА ПУСТОШОТ ВО КОЈ НА 25 АВГУСТ 1995 ОД ГРОМ ЗАГИНАА ЧЕТВОРИЦА, МЕЃУ КОИ И ТРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВОФаксимил од вонредното издание на „Штипско огледало“ за големото невреме на 25 август, 1995, во чиј пустош од гром загинаа 4 луѓе, меѓу нив и тричлено семејство. (Фото СДК.МК)

    Општина Штип ги чека завршните резултати и проценки за штетите што ги предизвика големото невреме на 21 јули оваа година, кога силниот ветер откорна цели кровни конструкции. Годинашново невреме ги потсети штипјани на она со силен ветер, дожд и громови пред 31 година, на 25 август 1995, во чиј пустош од гром загинаа 4 луѓе, меѓу нив и тричлено семејство.

    Повозрасните штипјани се сеќаваат дека тогаш главниот електронски медиум, Радио Штип, поради електричните празнења имаше дефект на предавателите и програмата не ја емитуваше на сите свои фреквенции и радиобранови, но затоа весникот „Штипско огледало“, што го издаваше Радио Штип, целиот број го посвети на тоа невреме.

    „Убав, сончев ден на 25 август 1995, но само до 16 часот. Наеднаш, небото над Штип се стемни. Од секунда во секунда почна да дува сè посилен ветер. Заврна и дожд, а веднаш потоа уследи канонада од силни грмотевици. Целата атмосфера трештеше. Од станбените згради и други објекти почнаа да летаат цели кровни конструкции. Рамната кровна конструкција на угостителскиот објект „Дујле“ се претвори во планински кров, искршен и свиткан на половина“, пишуваше во своето тогашно издание весникот „Штипско огледало“ за невремето.

    „На излезот во Штип, во една мала куќичка во близина на реката Брегалница, семејството Антониеви се подготвувало за роденден на домаќинката, 20-годишната Даниела, која правела вечера и роденденска торта за неа, нејзиниот сопруг и четиримесечното бебе. Но, судбината сакала ригорозно да си поигра со ова семејство кога наеднаш удриле неколку громови врз нивната куќа. Половината од покривот летнала во воздух, токму над собата во која биле тројцата, а од силните празнења на место загинало целото семејство. Во исто време, неколку километри подалеку, кај селото Караорман, од гром загина и сточарот Стојан Мишев (80), додека со стадото се враќал во селото“, пишуваше весникот „Штипско огледало“ во тогашното вонредно издание.

    Наредниот ден Штип беше посетен и од тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Тој дојде во својот роден град и ги посети сите оштетени објекти, како и куќата на настраданите во невремето, и заедно со Кризниот штаб донесоа мерки за побрзо ублажување на последиците од невремето, а родителите на починатото семејство да ја добијат потребната помош.

    Во годинашново невреме од 21 јули немаше човечки жртви, но штетите на голем број објекти се големи. Според проценителите, една градинка и едно основно училиште имаат вкупна штета од околу 16.000 евра. Министерството за здравство веќе го завршува извештајот за Клиничката болница, каде штетите се неколку пати поголеми. Штети пријавуваа и граѓани. Според првичните проценки, вкупните штети во Штип од невремето изнесуваат околу 200.000 евра.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира