МОРАВ ДА НАУЧАМ ДА ПРАВАМ ФИЛМ ЗА ДА ЈА ДОКУМЕНТИРАМ РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ, РЕЧЕ ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА НА ПРЕМИЕРАТА НА „РУИНИ“ НА МАКЕДОКС

    МОРАВ ДА НАУЧАМ ДА ПРАВАМ ФИЛМ ЗА ДА ЈА ДОКУМЕНТИРАМ РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ, РЕЧЕ ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА НА ПРЕМИЕРАТА НА „РУИНИ“ НА МАКЕДОКСЧемерска рече дека во еден за неа тежок периодот често одела кај Споменикот на слободтата во Кочани, дело на татко ѝ Глигор Чемерски, и го доживувала како прибежиште. (Фото: К. Попов)

    Македонската премиера на дебитантскиот документарец „Руини” на Елена Чемерска, за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, синоќа на фестивалот МакеДокс помина со силен аплауз во преполниот Куршумли ан.

    Филмот е топла и искрена лична историја во која Чемерска го документира деветгодишниот макотрпен процес на реставрација на споменикот и сите бирократски пречки, но и нејзината врска со татко ѝ и браќата – параглајдеристот Филип и брилијантниот преведувач Огнен кој го преведе „Моби Дик“ – кои починаа во кус период еден по друг, со мајката на браќата Каќа и мајка си Рајна. Во големата слика, филмот ги истражува темите на справување со личната загуба и личниот залог за зачувување на дело кое не е само семејно ами и светско културно наследство.

    „Првичната идеја беше само да направиме значенска реставрација на Споменикот на слободата, да му го вратиме значењето кое го има, но во текот на процесот открив голема видеоархива и други документи, па се зафативме со проектот за целосна реставрација. Тогаш решив да го документирам целиот процес и морав да научам да правам филм за да го сторам тоа“, рече синоќа режисерката и визуелна уметница Чемерска и додаде дека во еден за неа тежок периодот често одела кај Споменикот и го доживувала како прибежиште.

    Таа се заблагодари на приказните дека споменикот живее споделени од публиката во разговорот по проекцијата, за кочанскиот средношколски фестивал Расплет што две години се одржува токму на Споменикот на слободата, како и дека во месеците по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 63 жртви, активистите кои им помагаа на протестите на родителите заминуваа кај Споменикот и таму наоѓаа утеха.

    Светската премиера на „Руини“ беше на 14 јуни во конкуренцијата за награди на филмскиот фестивал во Шангај, Кина.

    Споменикот на слободата е изграден на ридот Локубија на северозападната страна на Кочани. Уметничко-архитектонското решение е на Глигор Чемерски, еден од најзначјните македонски уметници, и архитектот Радован Раѓеновиќ. Граден е во периодот 1975-1977 од Општина Кочани, а целосно е завршен во 1981. Споменикот се нарекува и Тврдина или Храм на слободата и е од огромно значење за поновата македонска уметност. На комплексот со отворени бетонски ѕидни конструкции се аплицирани 335 квадратни метри мозаични прикази на историската борба на македонскиот народ за слобода, од Илинденскиот период до антифашистичката Народно ослободителна борба (НОБ).

    „Руини” произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата” и го следи враќањето на режисерката во Македонија, каде се вклучува во реставрацијата на делото на татко ѝ. Во продукција на „Синема футура“ беше поддржан со 800 илјади денари (13 илјади евра) на Конкурсот за финансирање на проекти на Агенцијата за филм во втор рок на одлучување во 2018. Проектот „Татковина: Споменик на слободата”, инициран од Чемерска во 2017, обедини меѓународни соработки помеѓу уметници, културни работници и експерти од областа на конзервацијата и реставрацијата, со цел значенска, а потоа и физичка ревитализација на споменикот.

    Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата е на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук Лука Гамулин. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија имплементиран од „Хартефакт фонд“. Копродуценти се продукциите „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева.

    Реставрираниот Споменик на слободата беше претставен во декември 2024, по двегодишна обнова со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата. Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје и беше прва поддршка од овој фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност што ја чествува и борбата против фашизмот.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира