Експлозивни дронови пронајдени во близина на аеродромот во Лајпциг покажуваат дека Германија е под закана, изјави канцеларот Фридрих Мерц откако беше објавено дека бил откриен уште еден ваков уред.
„Нападот со беспилотни летала во Лајпциг, меѓу другото, покажува дека се соочуваме со многу реални закани. Германија е под зголемен надзор од хибридни напаѓачи“, рече Мерц.
Германските власти за борба против тероризмот отворија истрага на 5 август откако еден вработен на аеродромот во Лајпциг пронајде дрон што носел експлозивна направа, на која детонаторот очигледно откажал. Истражителите пронашле уште еден дрон на 14 август во близина на аеродромот во Лајпциг, објави денеска весникот „Зидојче цајтунг“.
„Интензивно работиме на тоа заедно со безбедносните агенции и наскоро ќе ги презентираме нашите наоди“, рече Мерц.
Според германскиот весник „Билд“, Мерц им рекол на членовите на неговата партија на приватен состанок дека владата има индиректни докази што укажуваат на сторителите. Порано овој месец, германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт посочи дека зад заканата стои државен актер.
Владата на Мерц сака да им даде поголема слобода на германските разузнавачки служби во спречувањето закани од противници како што е Русија. Шпионите кои работат за германската Агенција за надворешно разузнавање би можеле да извршуваат саботажи и да спроведуваат офанзивни сајбероперации, според предложените реформи.



