ЖЕРНОВСКИ НОЌЕСКА ЈА УРНАЛ МИСТЕРИОЗНАТА ДИВОГРАДБА НА САМОИЛОВА

    ЖЕРНОВСКИ НОЌЕСКА ЈА УРНАЛ МИСТЕРИОЗНАТА ДИВОГРАДБА НА САМОИЛОВАОпштинарите повеќе од еден месец чекаа согласност од МВР за асистирање при уривањето.(Фото: Општина Центар)

    Општина Центар рано утринава, во 3:30, ја урна дивоградбата помеѓу улиците „Самоилова“ и „Никола Карев“. Уривањето било со асистенција на МВР. Искршени се делови од столбовите и последната плоча на објектот.

    „Ниту утрово на местото на дивоградбата не се појави инвеститорот на објектот, кој се уште е непознат. Претходно, кога објектот беше во фаза на ископ, овластен инспектор донесе решение за враќање во првобитна состојба. Тогаш решението никој не го прими, а непознатиот инвеститор без одобрение продолжи со градбата.

    Дека се работи за дивоградба, констатираа заеднички на увид инспекторот на општина Центар, заедно со градежен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Неколкупати на објектот беше оставана покана инвеститорот да дојде во Општина Центар, но на ова никој не се одѕва“, велат од Општина Центар.

    Дивото градилиште Општина Центар два пати го затвораше со цел да се постапи по решението за отстранување на градбата, но иневститорот не ги почитуваше решенијата.

    Општинарите повеќе од еден месец чекаа согласност од МВР за асистирање при уривањето. Првото барање до нив градоначалникот Андреј Жерновски го испрати уште на 22 февруари, но од таму му побраа дополителни документи што ја издолжи подготовката за уривање.

    Градоначалникот Жерновски најави дека покрај тоа што ќе го урнат диво изградениот објект, од инвеститорот ќе бараат одговорност и за тоа што не го почитувал решението за стопирање на градбата. Објектот почна да се гради во декември минатата година. Градежниците не престанаа со работа и покрај решенијата за стопирање на градбата па објектот излезе од телеми и беа изградени два ката над земја. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира