Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја потврди ослободителната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за предметот „Талир 2“. Одлуката е донесена по одржана нејавна седница на 26 август 2026 година, по разгледување на списите на кривичниот предмет и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.
Според соопштението, Судот оцени дека дејствијата на поранешниот премиер Никола Груевски како одговорно лице биле во рамките на неговите овластувања и оти обвинителството не извело докази дека постапувал спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во образложението се наведува дека овластениот тужител не докажал надвор од разумно сомневање оти градежната компанија „Бетон“ во моментот на склучување на договорите со политичката партија вршела јавни услуги во смисла на законот, поради што не постоела забрана за донирање средства ниту обврска тие да бидат вратени.
Ослободителната пресуда во повтореното судење ја донесе судијката Даниела Алексовска-Стојановска на 14 јули, непосредно пред застарувањето на предметот на крајот на август.
Претходно, на 31 март, пред завршните зборови, на обвинителката Ленче Ристоска ѝ беше одземен случајот за изградбата на партиското седиште Бела палата и беше доделен на друг обвинител. Ристоска потоа поднесе оставка на јавнообвинителската функција, која Советот на јавни обвинители ја потврди на 8 април.
Во првичната судска постапка во 2022 година, Груевски беше осуден на шест години затвор, а поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски доби условна казна. Со таа пресуда беше одредена и конфискација на партискиот имот, но Апелациониот суд ја укина одлуката и го врати судењето од почеток.
Обвинението за „Талир 2“ ги товареше Груевски и Божиновски за злоупотреба на службената положба со која овозможиле фирмата „Бетон“ Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во период кога имала склучено договори за јавни набавки со државни органи, установи и претпријатија, спротивно на законските прописи за политичките партии, нивното финансирање и облигационите односи.



