Шолја кафе во Стариот Град на Дамаск стана симбол на глобалната економска реинтеграција на Сирија.
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, придружуван од гувернерот на централната банка Мохамед Сафват Раслан, плати со „Виза“ картичка во едно кафуле за да ја одбележи одлуката на Вашингтон да ја избрише земјата од својата листа на поддржувачи на тероризам.
„Повеќе од 15 години, оваа едноставна трансакција беше невозможна“, се вели во видеото објавено на сајтот на владата.
Раслан кажа дека бришењето од листата е „историски чекор што ја враќа земјата на нејзиното природно место во глобалниот економски систем“.
Американскиот Стејт департмент оваа недела ја тргна Сирија од листата земји кои се спонзори на тероризмот, на која беше од 1979 година. И групата Хајат Тахрир ал-Шам, која ја предводеше офанзивата што доведе до падот на режимот на Асад, веќе не се смета за терористичка.
Повеќето санкции на САД веќе беа укинати, но ознаката за тероризам носеше ограничувања за финансиските трансакции, што продолжија да ги одвраќаат банките и инвеститорите. Министерството за финансии на САД потврди дека американските финансиски институции сега можат да соработуваат со Сирија.
Европската Унија ги укина сите економски санкции за Сирија во мај 2025, а во мај годинава двете страни целосно го оживеаја Договорот за соработка, што делумно беше суспендиран од 2011.



