Шест месеци по воздушните напади што ја започнаа војната во Иран и го поставија тешко ранетиот Моџтаба Хамнеи за врховен водач, тој останува целосно невидлив за Иранците и светот. Прашањата за неговите состојба и улога стануваат сè позагрижувачки, додека Иран се соочува со критични одлуки во врска со војната што го запали Блискиот Исток и ја уништи и онака кревката економија на земјата.
Доналд Трамп неодамна кажа дека Моџтаба Хамнеи е жив, но тешко повреден и обезличен. Иранските функционери и други високи извори во земјата велат дека Хамнеи ја има контролата и владее од сенка од безбедносни причини додека заздравува од раните, здобиени во нападот во кој загина неговиот татко Али Хамнеи.
Но, без објавена фотографија, видеоснимка или аудиопорака од неговото назначување во март, една недела по почетокот на војната, Иранците се сè поскептични во врска со неговата позиција во Исламската Република, во која гласот на лидерот треба да биде апсолутен.
„Прашањето повеќе не е дали Моџтаба е жив, туку дали Иран сè уште има функционален врховен лидер“, рече Алекс Ватанка од Институтот за Блиски Исток во Вашингтон.
Единствените пораки на Хамнеи до иранскиот народ дојдоа преку неколку писмени изјави прочитани од државните медиуми, а тој не се појави ниту на погребните обреди за неговиот татко минатиот месец.
Високорангирани функционери и други инсајдери го објаснуваат отсуството на Хамнеи со стравот од атентат и велат дека тој одржува чести состаноци со важните личности, ги прима сите главни извештаи и ги донесува конечните одлуки за секое важно прашање.
Иран издржа шестмесечна војна со своите најмоќни непријатели, а неговиот политички систем се одржа. Војската ја задржува способноста да го блокира извозот на енергенси и да ги напаѓа сојузниците на САД во Заливот.
Висок ирански функционер изјави дека само мал број луѓе одржува директен контакт со Хамнеи и дека не се објавени никакви детали за него од страв од протекување информации. Во меѓувреме, неговото здравје значително се подобрува, изјави лице блиско до тесниот круг на Хамнеи, опишувајќи го како бистар и вклучен во донесувањето одлуки.



