Најмалку 12 лица се убиени, а 20 се повредени во ноќните руски напади врз Киев и поширокиот регион. Шестмина од жртвите се работници на државната компанија „Украински железници“, откако беше погодено депо во Киев.
Русија соопшти дека нејзиниот „масовен напад со високопрецизно оружје“ ги таргетирал воените и енергетските објекти на Украина и додаде дека едно лице е убиено во украинските напади врз западниот руски регион Белгород. Ова доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин беше повикан од индискиот премиер Нарендра Моди да ја прекине војната.
Во текот на ноќта, во Киев загинаа осум лица, а пријавени се пожари во три градски области. Уште четири лица се убиени во блискиот град Бориспил, каде што беше погодена станбена зграда.
Ова е шести ден на континуирани руски напади врз Киев, што се чини како стратегија за исцрпување на украинската воздушна одбрана и за поткопување на моралот на цивилите. За тој период, Русија лансирала повеќе 800 дронови на млазен погон, користејќи побрзо оружје за продолжени бранови на напади.
Новиот модел на беспилотни летала „Шахед“ има брзина од 320 до 400 километри на час, што е околу двојно повеќе од верзијата со клипен мотор, што ги прави потешки за запирање. Володимир Зеленски изјави дека моделите со млазен погон сега сочинуваат повеќе од половина од дроновите што ги користи Русија за напади и исцрпување на земјата.
Русија интензивно користеше беспилотни летала и во бранови дневни напади во последните пет дена, што доведе до неколкучасовни воздушни тревоги, особено во Киев.



