ВО КУМАНОВО ЗАПИШАНИ 898 ПРВАЧИЊА, 400 ПОМАЛКУ ОД БРОЈОТ НА ДЕЦА РОДЕНИ ВО 2020

    ВО КУМАНОВО ЗАПИШАНИ 898 ПРВАЧИЊА, 400 ПОМАЛКУ ОД БРОЈОТ НА ДЕЦА РОДЕНИ ВО 2020Вкупниот број на ученици во основните и средни училишта кои тргнаа на училиште во Куманово се 12. 988 ученици или 68 ученици повеќе од лани. (Фото: СДК.МК)

    Во шеснаесет општински основни училишта во Куманово денеска на училиште тргнаа 898 првачиња, шест помалку од лани. Но, според списоците на Министерството за внатрешни работи, во училишните клупи во прво одделение требаше да седнат 1.300 ученици или за 400 повеќе од моментално запишаните, кои во 2020 година се родени во Куманово и Скопје.

    Основното училиште „Браќа Миладиновци“ е со најголем број на запишани првачиња 120, додека во подрачното училиште „11 Октомври“ во село Речица не е запишано ниту едно прваче. Лани биле запишани вкупно 904 ученици во прво одделение.

    „Сакам прво на првачињата да им посакам успешно запишување на училиште, а на нивните семејства да бидат горди на своите деца. Ние како општина како и досега ќе обидеме да ги подобриме условите во кои учат нашите деца“, рече градоначалникот Димитриевски кој на првиот училишен ден беше во основното училиште „Браќа Миладиновци“ .

    Тој додаде дека бројката на запишани ученици во основни и средни училишта не е конечна, бидејќи уписите ќе траат и во текот на септември за семејствата кои ќе вратат од странство и за учениците ќе кои мигрираат од едно во друго училиште.

    Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование, вели дека и оваа година притисокот за упис во прво оддление бил за училиштата во центалното градско подрачје, додека во руралните средини помал, па во некои училишта има и комбинирани паралелки.

    „Општина Куманово не е исклучок од трендот на намалување на бројот на првоодделенци кој се случува на ниво на државата, а најголема причина за тоа е интензивното иселување на семејства со мали деца. Меѓутоа искуството покажува дека дополнително ќе ни дојдат деца на семејства кои сега се на сезонска работа. Конечната бројка ќе ја имаме на крајот на септември“, изјави Јовановиќ.

    Во кумановските средни училишта во прва година се запишале 1.068 ученици или 60 повеќе од минатата година.

    Вкупниот број на ученици во основните и средни училишта кои тргнаа на училиште во Куманово се 12. 988 ученици или 68 ученици повеќе од лани.

    Во Куманово со оптимизацијата во училиштата ќе биде намален бројот на паралеки, но нема затворање на училишта.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира