Трендот на економски раст се очекува да продолжи и оваа година и да изнесува помеѓу 3,5 и 4 проценти, и покрај сите предизвици во Европа како наш најголем трговски партнер, кажа премиерот Христијан Мицкоски при промоцијата на градскиот воз, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека актуелната влада беше избрана на 23 јуни 2024 година и дека таа година заврши со реален раст на бруто домашниот производ од 3 проценти, додека номиналниот изнесуваше близу 7 проценти.
„2025 година ја завршивме со 3,5% раст на БДП, а номиналниот беше над 8% и бевме во првите 5-6 земји во Европа“, кажа Мицкоски.
Според владините проекции, планирано е континуираниот реален раст до крајот на оваа година да се задржи во рамките меѓу 3,5 и 4 проценти, додека номиналниот раст да се движи околу 8 проценти.
Премиерот кажа дека дополнителен предизвик претставува тоа што овие резултати се постигнуваат во период кога европската економија бележи годишен раст помал од еден процент, со оглед на тоа што токму Европската Унија е најголемиот трговски партнер на државата.
„Впрочем затоа ја добивме довербата од граѓаните да ги решаваме. Дали сме мотивирани да ги решаваме, да, мотивирани сме и ќе продолжиме да ги решаваме и да не создаваме нови проблеми“, изјави премиерот Мицкоски.



