ШЕФОВИ НА ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД, ДИРЕКТОРКА ОД ДРЖАВНИ ПАТИШТА И СМЕТКОВОДИТЕЛ ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА ПРИСВОИЛЕ 2,2 МИЛИОНИ ЕВРА ОД РЕГИСТРАЦИИ НА ВОЗИЛА

    ШЕФОВИ НА ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД, ДИРЕКТОРКА ОД ДРЖАВНИ ПАТИШТА И СМЕТКОВОДИТЕЛ ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА ПРИСВОИЛЕ 2,2 МИЛИОНИ ЕВРА ОД РЕГИСТРАЦИИ НА ВОЗИЛААкцијата ја спроведе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Единицата за брзо распоредување, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. (Фото: МВР)

    Полицијата поднесе кривична пријава против шест физички и три правни лица осомничени за проневера во службата, перење пари и несовесно работење, со што направиле штета од 138.877.419 денари, односно околу 2,25 милиони евра на државниот буџет и на институциите. Во рамки на полициската акција спроведена на 2 и 3 септември 2026 година, уапсени се тројца од осомничените.

    Акцијата ја спроведе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Единицата за брзо распоредување, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд, полицијата изврши претреси на повеќе локации во Скопје, при што од слобода се лишени 49-годишниот С.С., 29-годишниот Ш.С. и 58-годишниот З.Ѓ. При претресите се пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци, 100 американски долари, телефони и две патнички моторни возила.

    Првопријавениот С.С., во својство на управител на фирма од селото Кучевиште која од 2011 година имала овластување за вршење технички преглед на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година, со намера да прибави противправна имотна корист, изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила. Лажните извештаи ги испраќал до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и до општините. Во овие активности соучествувал 54-годишниот Д.М., вработен како раководител на техничкиот преглед, кој бил задолжен за изготвување и потпишување на фактурите и доставување на извештаите.

    Прикривањето на парите се одвивало преку осигурително брокерско друштво. На неговите сметки се наплаќале надоместоците за регистрација, иако законски на сметка на брокерско друштво смее да се наплаќа исклучиво полисата за осигурување. Извршните членови на Одборот на директори, Ш.С. и З.Ѓ., знаеле дека овие приливи не потекнуваат од осигурителна дејност, па заедно со С.С., како неизвршен член на одборот, го прикривале потеклото на средствата преку нивно префрлање од една на друга сметка, мешање со редовните приходи преку позајмици и купување недвижности за фирмата.

    Во злоупотребите учествувала и помошничката директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, 64-годишната Т.М., која пропуштила должност за надзор и споредба на наплатените средства со реалните извештаи. Наместо да бара навремена наплата на утврдените разлики, таа го известувала Д.М. за состојбата на сметката на јавното претпријатие и овозможила С.С. противправно да присвои 48.434.406 денари од надоместокот за патна такса. Во шемата учествувал и 40-годишниот овластен сметководител М.Д., кој внесувал невистинити податоци во документацијата, даночните пријави и годишните сметки на фирмата од Кучевиште.

    Вкупната штета од 138.877.419 денари е направена директно на Буџетот, односно на Јавното претпријатие за државни патишта со 48.434.406 денари, на Црвениот крст со 1.485.926 денари, на Министерството за животна средина со 5.585.098 денари и на општините со 83.371.988 денари за комунална такса и буџет. Со кривичната пријава за перење пари и помагање се опфатени и три правни лица, две од Скопје и едно од Кучевиште.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира