МИЦКОСКИ НЕ СТРАВУВА ОД ИСТРАГАТА ВО УНГАРИЈА ЗА ЗАЕМОТ ОД МИЛИЈАРДА ЕВРА, ВЕЛИ ДЕКА СЀ БИЛО ТРАНСПАРЕНТНО И ДЕКА ПОДДРШКАТА ОД БУДИМПЕШТА ПРОДОЛЖУВА

    МИЦКОСКИ НЕ СТРАВУВА ОД ИСТРАГАТА ВО УНГАРИЈА ЗА ЗАЕМОТ ОД МИЛИЈАРДА ЕВРА, ВЕЛИ ДЕКА СЀ БИЛО ТРАНСПАРЕНТНО И ДЕКА ПОДДРШКАТА ОД БУДИМПЕШТА ПРОДОЛЖУВАПремиерот Христијан Мицкоски на промоција на комунални возила, на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“. (Фото: Влада)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не стравува од истрагата отворена во Унгарија во врска со заемот што тамошната Ексимбанка ѝ го додели на Македонија под поволни услови, бидејќи, како што кажа, целиот процес се одвивал транспарентно.

    Одговарајќи на новинарско прашање на промоција на комунална опрема во Скопје, Мицкоски рече дека истрагата за унгарскиот кредит е внатрешна работа на таа земја и очекува унгарските институции да ја завршат постапката и да излезат со официјално соопштение.

    Тој кажа дека апсолутно нема страв од истрагата затоа што заемот е дел од меѓусебно стратешко партнерство, потврдено од владите и парламентите на двете држави, а парите се искористени транспарентно. Мицкоски упати благодарност до стратешкиот партнер Унгарија за помошта во периодот кога, како што рече, новата власт се борела да ја извади државата од банкротот оставен од претходното владеење на СДСМ и ДУИ.

    Македонскиот премиер е уверен дека поддршката од Унгарија останува и покрај промената на власта во Будимпешта и заминувањето на Виктор Орбан, осврнувајќи се на информациите дека новиот премиер Петер Маѓар одбива да прифати забрзана постапка за прием на која било земја кандидат за членство во Европската Унија.

    Според Мицкоски, таквиот став не се однесува на Западен Балкан, бидејќи Маѓар по стапувањето на функцијата имал десетици изјави во кои потврдува дека поддршката за регионот е искрена, недвосмислена и никогаш не била доведена во прашање. Премиерот додаде оти смета дека задршката за забрзан прием се однесува на други држави кои се кандидати за Унијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира