Вчера започна судењето на родителите на тинејџерот кој уби 10 лица во училиште во југоисточна Турција, при што обвинетите пред судот изјавија дека немале претстава оти нивниот син планира напад, објавија локалните медиуми.
Угур Мерсинли, полициски главен инспектор, и неговата сопруга Пејман Пинар се појавија пред судот во Кахраманмараш поради пукањето во април, извршено од нивниот син, кој тогаш бил ученик во осмо одделение. Четиринаесетгодишниот напаѓач уби девет ученици и еден наставник. Напаѓачот исто така загина за време на нападот, а мотивот останува нејасен.
Обвинителите бараат 10 последователни доживотни затворски казни плус до 30 години затвор за таткото, тврдејќи дека тој знаел за психолошките проблеми на својот син и за неговиот интерес за оружје, но не презел ништо – вклучително и тоа што му дозволувал да пука на стрелиште и што чувал неколку парчиња оружје на достапно место дома. Мајката се соочува со казна до 22,5 години затвор бидејќи наводно не постапила по предупредувањата дека на нејзиниот син му е потребен третман, според приватниот телевизиски канал НТВ.
Таткото пред судот изјави дека неговиот син го зел оружјето „без мое знаење“. Мајката рече дека знаела каде се чува оружјето, но не и колку парчиња имало.
Истражителите на компјутерот на напаѓачот пронашле рачно нацртани планови на училиштето и план за напад, а на местото на настанот биле пронајдени и пет пиштоли и 84 чаури, сите регистрирани на име на таткото. На родителите во два наврати им било кажано дека на момчето му е потребна упатница за психолошка помош.
Двајцата обвинети ги негираат обвиненијата. Судењето продолжува.
Нападот на 16 април Кахраманмараш се случи еден ден откако 16 лица, претежно ученици, беа ранети кога поранешен ученик отвори оган во средно училиште во блиската покраина Шанлиурфа. Напаѓачот подоцна се самоуби.



