Новата сезона на култната српска сатирична емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ ќе започне на 19 септември на јутјуб каналот на емисијата, соопшти денеска на својот фесјбук профил популарниот автор и новинар Зоран Кесиќ. Досега емисијата се еитуваше на телевизијата „Нова С“, но вчера менаџментот соопшти дека таа е симната поради тоа што е прескапа и поради неуспешниот договор меѓу екипата на емисијата и претставниците на „Адриа њуз нетворк“ (АНН) – компанијата што ја поседува „Нова С“ и која неодамна доби ново раководство откако беше преземена од португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“.
Во подолгата објава, денеска Кесиќ демантира дека не е постигнат договор и оти емисијата е скапа, туку дека целта на новото раководство на „Нова С“ е новата сезона да не почне пред претстојните предвремени парламентарни избори во Србија кои треба да се одржат на крајот на октомври.
Уредничкиот колегиум на ТВ Нова денеска ја осуди одлуката на новото раководство и кажа дека таа не е во интерес ниту на програмата, ниту на ТВ Нова, поради што колегиумот побара од нив да ја преиспитаат и променат својата одлука. Колегиумот истакна и дека по „промената на терминот на емисијата „Впечаток на неделата“, укинувањето на „Здраво мисли“ и сегашното откажување на оваа култна емисија, сериозно ќе се наруши довербата на гледачите во остатокот од програмата, додека ниту еден друг нов формат нема да може да ја замени.
Власта во Србија, предводена од претседателот Александар Вучиќ беше под притисок да излезе на избори откако изминатиот период под водство на студентите се одржаа низа масовни антивладини протести. Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица. Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност.



