Во Загреб денеска се одржа масовен протест на кој десетици илјади граѓани и јавни личности побараа итно решавање на проблемот со огромните количества опасен отпад складиран во Госпиќ. Демонстрантите, предводени од иницијативата „Госпиќ е наш дом“, побараа одговорност од надлежните институции, санација и отстранување на отпадот, како и забрана за увоз на отпад во Хрватска. Во меѓувреме, премиерот Андреј Пленковиќ најави дека локацијата ќе биде исчистена.
Протестот во Загреб денеска се одржа под мотото „Чекори за Лика, чекори за Хрватска“. На чело на протестниот марш беа организаторот Вјекослав Бушиќ од иницијативата „Госпиќ е наш дом“, како и претставници на здруженијата „Зелена акција“ и „Сонце“ од Сплит. Илјадниците учесници се собраа на плоштадот Крал Томислав, од каде што продолжија кон плоштадот Бан Јосип Јелачиќ.
Од протестот беа упатени остри критики кон институциите поради, како што беше посочено, двегодишното отсуство на соодветна реакција. Организаторите побараа Владата во рок од 20 дена да изготви и претстави конкретен план за санација, закопаниот отпад да биде отстранет во период од три месеци, а депонијата Ракитовац да биде вклучена во планот за управување со отпад. Меѓу клучните барања беше и итно воведување забрана за привремен увоз на каков било отпад на територијата на Република Хрватска.
Случајот привлече големо внимание во февруари 2025, кога хрватската полиција, во соработка со Европол, уапси 13 лица. Меѓу приведените беа и претприемачот Јосип Шинчек и неговата сопруга Моника, сопственици на компанијата „Типос ресурс“. Според истрагата, во областа околу Госпиќ, во регионот Лика-Сењ во западниот дел на Хрватска, незаконски биле депонирани меѓу 33.000 и 37.000 тони опасен, медицински и техноген отпад.
Случајот дополнително се прошири во ноември 2025, кога беше уапсен тогашниот главен државен инспектор Андрија Микулиќ, со што аферата доби и коруптивна димензија. Дополнителните анализи на теренот покажаа присуство на опасни материи, меѓу кои бакар, цинк, олово, антимон и ПФАС познати како „вечни хемикалии“, во подземните води. Последиците се проценуваат и преку трајното уништување на живеалиштата на површина од приближно 18.000 квадратни метри.
Премиерот Андреј Пленковиќ ја посети спорната локација во Госпиќ, при што најави дека отпадот треба да биде покриен до октомври. Според најавите, законскиот рок предвиден за целосно отстранување и санација на локацијата изнесува шест месеци. Хрватскиот парламент, пак, на 21 август побара од Владата во рок од 90 дена да достави извештај за преземените мерки и состојбата со случајот.



