Речиси секој што настапува на сцената на Операта Метрополитен во Њујорк мора да оди на аудиција – дури и змијата што накратко ќе биде во центарот на вниманието во претстојната адаптација на едно класично дело од Моцарт. За одлуката кој ќе ја добие таа „ѕвездена“ улога на влекач е задолжена Зои Зигфелд, поранешна изведувачка во патувачки забавен парк која сега настапува во операта и ја игра улогата на дресерка на змии во верзијата на „Така прават сите“ од Моцарт во Метрополитен, инспирирана од Кони Ајленд во 1950-тите години.
Зигфелд ја зема секоја змија, ѝ дозволува да ползи и да се обвиткува околу неа, а потоа го крева животното над главата, вежбајќи ги движењата што ќе ги изведува под силните рефлектори во центарот на сцената за време на претставите. Зигфелд ја гледа секоја змија директно во очи, речиси лице в лице, додека го проценува нејзиното однесување.
„Морам да знам дека животното се чувствува пријатно во присуство на луѓе и со она што го правиме“, изјави Зигфелд.
Во оваа конкуренција меѓу ладнокрвните животни, победи боа-констриктор по име Принцеза. Таа е поголема змија и има подобар визуелен ефект на сцената.
„Ќе продолжиме со пробите со Принцеза (големата боа-констриктор со боја на сончев сјај, односно нијанса на жолта праска) на пробна основа! Таа е прекрасна змија, а пробата не се однесува на неа, туку на мене и на мојата сила“, напиша Зигфелд во е-порака по завршувањето на аудициите.
Една малку помала кафеава боа-констриктор по име Нала, избрана на втората аудиција, ќе биде замена за Принцеза.



