Пред британската полиција стои тешка задача: да го пронајде украденото пиво „гинис“ во количина од околу 40.000 литри. Две приколки натоварени со прочуеното кремасто темно пиво, во вредност од 155.000 долари, биле украдени од складиште во близина на Ливерпул, во северозападна Англија, соопшти полицијата на Чешир.
„Позната е изреката дека ’гинис е добар за вас‘, но тоа важи само кога пивото е купено и платено“, изјави детектив-наредникот Гери МекКлачи. „Нема да се задоволиме со ништо помалку од целосно враќање на сите украдени производи“.
Пивото било наменето за пабови, но било украдено на 31 август вечерта од двајца возачи кои пристигнале во индустриска зона во Ранкорн и ги одвлекле приколките во кои имало околу 800 буриња од ова темно пиво. Вредноста на приколките била проценета на 67.000 долари.
Кражбата се случува само неколку недели по една кражба на пиво во САД, која го привлече вниманието на јавноста поради духовитите објави на производителот на социјалните мрежи во врска со загубата на околу 34.000 лименки пиво „пабст блу рибон“ (ПБР).
„До крадецот: не ти замеруваме што сакаш да се пофалиш пред пријателите колку ПБР имаш, само би сакале да го добиеше на чесен начин“, напиша компанијата на Инстаграм. „П.С. ова е вистина и сосема сериозно мислиме“.
Полицијата ја процени вредноста на украденото пиво „пабст“ од магацин во Јужна Калифорнија на 70.000 долари, а компанијата понуди награда од 20.000 долари за информации што би довеле до пронаоѓање на украдената стока.



