Холандската централна банка премести 86 тони злато од САД и Канада во Лондон, со образложение дека сака да биде подобро подготвена за можни сериозни кризи. Одлуката е донесена во услови на зголемена геополитичка и економска неизвесност во светот.
Од холандската централна банка велат дека не очекуваат непосредна економска катастрофа, но сметаат дека е важно резервите да бидат лесно достапни ако дојде до криза. Слични чекори претходно презедоа и други европски држави. Франција враќаше дел од златните резерви од САД, додека Германија префрли повеќе од 216 тони од Њујорк и Париз.
Лондон е избран како главна дестинација поради неговата улога како еден од најголемите светски центри за трговија со злато. Во трезорите на Банката на Англија се чуваат околу 400.000 златни прачки, чија вредност надминува 200 милијарди фунти.
Сепак, геополитичките тензии не се единствената причина за зголемениот интерес кон златото. Инфлацијата, каматните стапки и потребата резервите брзо да можат да се продадат или употребат, исто така, влијаат врз одлуките на централните банки.
Во последните четири години централните банки во просек купувале околу 1.000 тони злато годишно, што е двојно повеќе од просекот во претходната деценија. Зголемената побарувачка придонесува и за растот на цената на благородниот метал.
Златото традиционално се смета за сигурно засолниште во периоди на инфлација, финансиски кризи и политички конфликти. И покрај падот од овогодишниот рекорд, неговата цена останува на историски високо ниво.
Експертите очекуваат интересот на централните банки за златото да продолжи да расте. За државите, чувањето злато на различни локации и неговото зголемување претставуваат начин за зајакнување на финансиската стабилност и подготовка за идни кризи.



