Русија, Виктор Орбан и Илон Маск ја поздравија победата на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на покраинските избори во Саксонија-Анхалт.
Специјалниот пратеник на Владимир Путин, Кирил Дмитриев, изјави дека АфД постигна историски резултат на изборите, со што ја понижи сегашната влада на Фридрих Мерц,
„Историската победа на АфД ги понижува ароганцијата, тесноградоста, военото хушкање, неспособноста и лицемерието на дискредитираната германска владејачка коалиција. Германците проговорија, Германија се разбуди“, кажа Дмитриев, кој претходно ја опиша АфД како „партија на разумот, соработката, вистината и надежта за Германија“.
Поранешниот унгарски премиер Орбан кажа дека победата на АфД е голема ноќ за Германија и Европа.
„Честитки до Алис Вајдел, Улрих Зигмунд и целата АфД за нивната убедлива победа во Саксонија-Анхалт. Врзете ги појасите! Ова е само почеток“, рече Орбан.
АфД освои 43,8% гласови и се очекува да има 39 пратеници во 83-члениот покраински парламент, додека за целосно мнозинство се потребни 42. Харизматичниот лидер на АфД во покраината, Улрих Зигмунд, рече дека ова е сензационален резултат и дека сакаат да започнат со владеење што е можно поскоро. Тој, меѓу другите, му се заблагодари на Илон Маск за поддршката.
„Браво“, кратко напиша Маск на Икс.
Шефицата на АфД, Алис Вајдел, кажа дека изборниот резултат е резултат од соништата и триумф на демократијата.
„Електоратот ја изгуби довербата во федералната политика и владата. Ниеден канцелар не бил толку непопуларен како што е Фридрих Мерц. Изборите во Саксонија-Анхалт покажуваат дека луѓето очекуваат промена во политиката“, вели таа, нагласувајќи ја потребата од борба против нерегуларната миграција, промена на енергетската политика и намалување на даноците.
Според неа, АфД очекува да освои најмалку 40% гласови на парламентарните избори во Германија во 2029.
Популистичката БСВ соопшти дека нема да ја поддржи АфД откако оваа мала партија се појави како потенцијален клучен играч во формирањето на покраинската влада, неочекувано надминувајќи го прагот на 5% освоени гласови.
„По изборите, ќе го направиме точно она што го рековме пред изборите“, рече колидерката на БСВ, Амира Мохамед Али, повикувајќи независен кандидат да ја води покраината.
„Мора да излеземе од оваа рововска војна и затоа велиме дека е време за нов модел: премиер кој е непартиски определен и кој владее со променливи мнозинства“, додаде таа.



