БЛАГИЦА ВЛАДИМИРОВСКА И ЕМА ЛАЗАРЕСКА ЗА ЧЕТИРИ ДЕНА СЕ ИСКАЧИЈА НА 35 ВРВОВИ НА ШАР ПЛАНИНА ВО ЧЕСТ НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА

    БЛАГИЦА ВЛАДИМИРОВСКА И ЕМА ЛАЗАРЕСКА ЗА ЧЕТИРИ ДЕНА СЕ ИСКАЧИЈА НА 35 ВРВОВИ НА ШАР ПЛАНИНА ВО ЧЕСТ НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈАЗа четири дена поминале 110 километри и совладале вкупна висинска разлика од 8.400 метри (Фото: „I Love Hiking“)

    По повод 35 години независност на Македонија, Благица Владимировска и Ема Лазареска направија исклучителен планинарски подвиг: за четири дена искачија 35 врвови на Шар Планина.

    Нивната авантура започнала од врвот Љуботен, а завршила на Рудока. Во едно исклучително брзо темпо на движење, за четири дена поминале 110 километри и совладале вкупна висинска разлика од 8.400 метри. Само во првите два дена, Благица и Ема се искачиле на 11 врвови дневно.

    „Сите болки и тешкотии ги забораваш кога пред себе ќе ги видиш убавините на нашата Шара, изгрејсонцата и зајдисонцата и сета убавина на нашата Македонија. Овој подвиг уште еднаш ни покажа дека секоја цел е остварлива кога имаш јасна визија, одлучност, упорност, дисциплина и љубов кон она што го правиш“, вели Владимировска.

    Без каква било логистичка поддршка, сета потребна опрема, храна и останати неопходни работи ги носеле самите, во ранци тешки по околу 20 килограми. Така опремени минале четири дена во постојано движење, замор, промени на теренот и временските услови, но и со силна меѓусебна доверба, дисциплина и љубов кон планината.

    „Имаше замор и тешки делници, но секој следен врв ни даваше нова сила. Кога имаш јасна цел и човек покрај себе на кого му веруваш, можеш да стигнеш многу подалеку отколку што си замислувал“, истакнува Лазареска.

    Благица и Ема се членки на планинарското друштво „I Love Hiking“ (Сакам планинарење). Нивниот последен подвиг е силна порака за истрајност, женска храброст и значење на заедништвото.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира