МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА ТРОШОЦИТЕ ЗА ПРОСЛАВАТА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА БИЛЕ НУЛА ДЕНАРИ, НЕ КАЖА КОИ ФИРМИ ЈА ПЛАТИЛЕ И ОБВИНИ ДЕКА КАЈ ЉУБОПИТНИ ПОЕДИНЦИ РАБОТИ ФРОЈД

    МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА ТРОШОЦИТЕ ЗА ПРОСЛАВАТА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА БИЛЕ НУЛА ДЕНАРИ, НЕ КАЖА КОИ ФИРМИ ЈА ПЛАТИЛЕ И ОБВИНИ ДЕКА КАЈ ЉУБОПИТНИ ПОЕДИНЦИ РАБОТИ ФРОЈДНа 27 мај 2026, владината портпаролка Марија Митева изјави дека Владата не крие ништо во однос на организацијата на прославите по повод 35 години независност на Македонија, но поради некои договорни клаузули, во моментот не можат да ги објават сумите. (Фото: СДК.МК)

    Повеќедневната прослава на 35-годишнината на независноста на Македонија за која беа ангажирани и неколку светски ѕвезди ја платиле општествено одговорни компании, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, без да ги открие нивните имиња.

    За сите што клеветеа и лиферуваа лажни информации имам лоша вест: Сите овие настани Буџетот и граѓаните ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на ‘Отворени финансии“ и ќе видите дека сѐ е ова нула денари. Сѐ е организирано од општествено одговорни компании, така што јас жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат дека како што правеле тие, така прави и друг. Оваа Влада е домаќинска и промакедонска која што се грижи за граѓаните“, кажа денеска Мицкоски во Штип и не откри кои компании издвоиле толку многу средства за да им платиме да дојдат Дејвид Гета, Хосе Карерас, Стив Аоки, Пол ван Дајк, Пол Окенфолд, а да се платат и домашните ѕвезди и целата организација на караваните во Скопје и во други градови.

    Ни од Владата не откриваат детали околу трошоците за прославата.

    На 27 мај 2026, владината портпаролка Марија Митева, изјави дека Владата не крие ништо во однос на организацијата на прославите по повод 35 години независност на Македонија, но поради некои договорни клаузули, во моментот не можат да ги објават сумите.

    „Како влада не останавме должни. Немаме што да криеме во однос на организацијата, меѓутоа ќе ни дозволите да завршиме со најавите на сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали“, кажа тогаш портпаролката Митева.

    Денеска е 9 септември 2026, и очекувавме Владата достоинствено и доследно да информира за сите детали и да одговори на следниве прашања:

    1. Колкав е предвидениот буџет за прославата на 35-годишнината од независноста и кога го утврдила Владата? Има ли посебна ставка во државниот Буџет за прославата?

    2. Кој и како одлучил каква да биде програмата и кој да ја спроведува?

    3. Дали е формирано тело за утврдување на програмата, кој членува во него и кој раководи?

    4. Дали е јавно објавен тендер или конкурс за организатор/промотер и за која сума?

    5. Како е избрана „Авалон продукција“ за организатор/промотер и за која сума?

    6. Како се распределени средствата – колкави се хонорарите на странските учесници на чело со Дејвид Гета и Хосе Карерас, а колкави на македонските учесници?

    Но, до објавувањето на текстов не добивме одговор од Владата.

    Денеска БИРН објави дека на 28 април годинава одлучила задачата за прославата да ѝ ја додели на „Државна лотарија“. Само два дена по таа владина седница, Лотарија распишала јавен оглас, кој бил според Законот за спонзорство и донации и затоа го нема на системот за јавни набавки. Тој Јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорирани настани по повод прославата на 35 години од самостојноста и независноста на Република Северна Македонија кој траел само 5 дена, се пријавила само Авалон, преку нејзината фирма „Стардаст“.

    БИРН вели дека во огласот се бара „А класа“ светски артист со „А класа“ продукција кој ќе има настан на отворено со гарантирана посета од најмалку 30.000 луѓе. Описот се поклопува со синоќешниот настап на диџејот Давид Гета.

    Потоа се бара „интернационална светска ѕвезда од А класа“, во придружба на македонски артисти, односно настапот на оперскиот пејач Хозе Карерас, заедно со македонски музички ѕвезди.

    И на крајот се бара и организација на најмалку 12 настани низ државата во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“. Идентично со настаните насловени „Силно светнал ден“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира