ВО ШТИП ОТВОРЕНА НОВАТА СПОРТСКА САЛА „ЏЕКСОН“

    ВО ШТИП ОТВОРЕНА НОВАТА СПОРТСКА САЛА „ЏЕКСОН“Во новата спортска сала во центарот на Штип  ќе се играат меѓународни натпрервари во повеќе мали спортови. (Фото: СДК.МК)

    Со вечерашниот пријателски кошаркарски натпревар меѓу кошаркарскот клуб Штип, кој од оваа сезона е нов член на Суперлигата во Македонија, и трофејната екипа на МЗТ од Скопје во 19 часот, официјално се промовира штипската новоизградена спортска сала „Џексон“.

    Изградбата на овој затворен спортски објект со максимален капацитет за 1.500 гледачи во строгиот центар на Штип чини 2 милиона евра, средства од Општина Штип и од државни фондови.

    Градоначалникот Иван Јорданов рече дека Општина Штип веќе има добиено лиценца за во овој спортски центар да може да се играат натпреварите од европските купови во сите мали спортови, како и во одбојка, чиј претставник ќе биде и штипскиот клуб.

    „Добивме современо уреден спортски комплекс и за меѓународни натпревари во мали спортови, но може да се користи и за други настани од општествените дејности и културата, музиката. Тоа е наш подарок за Денот на независноста на Македонија“, вели Јорданов.

    Спортскиот центар е именуван „Џексон“ според штипјанецот кој како бездомник со години живееше во една мала просторија веднаш до игралиштето кое го одржуваше. Штипјани со години го познаваа само по прекарот Џексон. Тој загина една ноќ во пожар. Поради оваа историја на местото, Општина Штип одлучи новиот спортски центар да се вика „Џексон“, и името е испишано на салата.

    Овој спортски простор има посебна историја. Пред повеќе од половина век, во центарот на Штип, веднаш до Народниот театар, на еден мал слободен простор е изградено отворено игралиште за мали спортови, кое беше само асфалтирано и како такво функционираше со децении. Овој спортски терен најпрвин стана отворено кошаркарско игралиште „Пролет“, каде штипскиот кошаркарски клуб ги играше натпреварите во првата кошаркарска лига. Затворени сали тогаш не постоеја, освен во некои училишта, па на ваквите игралишта под отворено небо настапуваа спортисти од сите градови во Македонија. Подоцна теренот стана во игралиште за мал фудбал, каде играше републичкиот првак „Мал Ајакс“, но се одржуваа и бокс и боречки натпревари, балкански првенства во одбојка на песок и во повеќе други спортови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира