Со премиерната проекција на дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ во режија на Жика Митровиќ, вечерва (20 часот) во Кинотеката ќе се отвори 6. издание на Фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“ (10-15 септември).
Филмот „Солунските атентатори“ е најновото издание на Кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови. Овој филм се вбројува меѓу најуспешните историско-акциони филмови од југословенската кинематографија. На фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 филмот ја доби традиционалната награда на публиката Јелен, а сценографот Диме Шумка е одликуван со Специјална поединечна диплома за сценографија. Режисерот Митровиќ добил и признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм.
За дигиталната реставрација на филмот вечерва ќе зборува Владимир Павловски, декан на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, а специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ, уметнички директор на Мартовскиот фестивал во Белград.
На Фестивалот ќе бидат прикажани и дигитално реставрираните анимирани македонски кратки филмови: „Ембрио бр. М“, „Адам 5 до 12, граница“, „Буквар за писмени“, „Рака“, „Отпор“, „Хомо догматикус“ и „Црно знаме“.
„Со проекциите на филмовите ‘Една недела’ и ‘Четиристотини трикови на ѓаволот“ публиката ќе има можност да погледне филмски дела од најзначајните епохи во развојот на кинематографијата – ерата на немиот филм. Во периодот пред звукот да стане составен дел од филмската слика, режисерите, актерите и филмските уметници создадоа нов начин на раскажување преку визуелната експресија, монтажа, композиција на кадарот и актерската игра. Овие два филма на големите режисерски имиња Бастер Китон и Жорж Мелиес ќе добијат еден поинаков музички израз – филмските слики ќе бидат надополнети со музичка придружба на ансамблот ‘Консонанс’, составен од врвни музичари кои се дел од Македонската филхармонија“, најавува Кинотеката.
Ќе бидат прикажани и кратките филмови на Алис Ги, која се вбројува меѓу жените пионерки на светската кинематографија, со музичка придружба на Андреј Татарчевски.
На „Нем фестивал“ ќе има и филмови од ретроспективната програма на Берлиналето 2026 именувана „Загубени во 1990-тите“, а дел од програмата ќе биде посветен на Луис Буњуел.
Билетите за сите проекции се бесплатни, а потребно е публиката да резервира билет на билетарата на Кинотеката.



