Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски претставува пример за тоа како во државата може да се оствари заработка на чесен и целосно транспарентен начин, во реакција на обвинувањата од опозициската СДСМ дека премиерот е „елита“ со часовници од 60.000 евра, скапи одела и апетити за авиони.
Од партијата велат дека Мицкоски пред јавноста многупати отворено зборувал за своите приходи и за тоа како заработувал во текот на животот. Според партиското соопштение, за неговиот начин на работа не постојат наводи дека добивката е стекната преку сомнителни зделки, трети лица, компании во странство или со местење тендери.
„За неговиот начин на работа ниту еден човек нема никогаш кажано дека тоа е на нечесен начин, дека заработката е преку трети лица, фирми во странство или пак местејќи тендери. Напротив, можеме да слушнеме само пофални зборови за универзитетски професор, кој самите студенти го имаат признаено како најдобар професор на својот факултет“, велат од партијата.
Во соопштението се додава дека за Мицкоски се говорат пофални зборови во академската дејност и дека тој како универзитетски професор е признаен од самите студенти како најдобар предавач на својот факултет.



