ВРХОВНИОТ СУД ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ СО 16 ЗАГИНАТИ, ОСУДЕНИТЕ ИЗЛЕГУВААТ ОД ЗАТВОР

    ВРХОВНИОТ СУД ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ СО 16 ЗАГИНАТИ, ОСУДЕНИТЕ ИЗЛЕГУВААТ ОД ЗАТВОРСите осудени отидоа на отслужување на казните, само газдата на Дурмо Турс Белули и соработникот Мифтари одложуваа. Тие одеднаш оперираа кила на тестиси, за на крај Мифтари да избега од Македонија, а Белули отиде во Идризово (Фото:СДК.МК)

    Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија во состав на: претседателот на Судот Африм Фидани, известителот на предметот Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска, ја укинаа пресудата за виновните во предметот за тешката трагедија кај Ласкарци со многу загинати и повредени и предметот го врати на повторно судење.

    До правдата за оваа тешка сообраќајна несреќа која се случи во февруари 2019 година кога поради човечки фактор се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ и загинаа 16 патници, а 30 беа повредени, се дојде многу тешко. „Дурмо турс“ беше спонзор на тогашната владејачка ДУИ. Ужалените родители и роднини на загинатите, како и самите повредени, како да беа виктимизирани одново и одново, зашто судијката Дијана Груевска-Илиевска судењето го водеше многу бавно, а кога дојдоа на ред вештачењата, таа побара супервештачење кое дополнително го забави процесот.

    Таа изрече ниски казни затвор, па затоа по жалба на обвинителот Дарко Јакимовски, на 8 мај 2025 година Скопска апелација им ги зголеми дупло казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.

    Јане Боваровски остана со 5 години, а возачот Маноил Трифуновски со 14 години казна затвор.

    Но сега сите излегуваат на слобода, зашто Врховниот суд вчера им ги поништи пресудите. Одлуката се уште не е објавена, но од највисокиот суд велат дека постапката во пониските судови била фалична.

    Според пресудата што сега ја поништи Врховниот суд, обвинетите Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, што предизвикало опасност за животот на патниците. Вработените во станицата за технички преглед: Ѓорѓиевски, Дуковски и Боваровски дозволиле неисправниот автобус да помине на технички преглед.

    Возачот Маноил Трифуновски, свесен за неисправноста на возилото, го управувал автобусот со 55 патници и удрил во металната ограда поради невнимание. Тој се бранеше со молчење, а на судењето во прв степен, интенцијата на одбраната на сите обвинети беше целата вина да му се стави нему и никој друг да не биде виновен.

    Сите осудени отидоа на отслужување на казните, само газдата на Дурмо Турс Белули и соработникот Мифтари одложуваа. Тие одеднаш оперираа кила на тестиси, па добија неколку одложувања на извршување на казните. На крај Мифтари избега од Македонија, а Белули отиде во Идризово на отслужување на казната.

    На повторно судење, од нула, се враќа и осудениот Стевчо Јакимовски, одлучи Врховниот суд.

    Советот за казниви дела при Врховниот суд, на седницата одржана вчера на 09.09.2026 година, донесе пресуда КВП КОК2-18/26, со која го уважи барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски, адвокат од Куманово, ги укина пресудата на Основен кривичен суд Скопје КОК-157/21 од 23.04.2025 година и пресудата на Апелационен суд Скопје КОКЖ-110/25 од 15.05.2026 година и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира