САУДИСКА АРАБИЈА ЗАТВОРИ КЛУЧЕН НАФТОВОД ПО НАПАД СО ДРОН ОД ИРАК, ЦЕНАТА НА НАФТАТА НАДМИНА 100 ДОЛАРИ ЗА БАРЕЛ

    САУДИСКА АРАБИЈА ЗАТВОРИ КЛУЧЕН НАФТОВОД ПО НАПАД СО ДРОН ОД ИРАК, ЦЕНАТА НА НАФТАТА НАДМИНА 100 ДОЛАРИ ЗА БАРЕЛСателитските снимки покажаа изгорена земја и чад во близина на погодената локација. (Фото: Коперникус)

    Саудиска Арабија привремено го затвори својот клучен нафтовод по напад со беспилотни летала лансирани од Ирак, во период кога конфликтот на Блискиот Исток дополнително се проширува.

    Властите во Ријад во петокот соопштија дека нафтоводот е затворен од претпазливост, откако сателитските снимки покажаа изгорена земја и чад во близина на погодената локација. Од саудиското Министерство за надворешни работи соопштија дека нападот предизвикал повреди кај неколку лица и материјална штета чиј обем сè уште се проценува.

    Нафтоводот Исток-Запад, со должина од 1.200 километри, му овозможува на најголемиот светски извозник на сурова нафта да го заобиколи Ормускиот Теснец. Преку овој систем минуваат меѓу четири и пет проценти од светската понуда на нафта.

    Ирак призна дека нападот врз нафтоводот на соседната земја потекнува од една од неговите провинции што граничи со Иран. Од кабинетот на ирачкиот премиер соопштија дека командантот за операции во провинцијата Мајсан е разрешен од должноста откако било потврдено дека дроновите биле лансирани од тој регион, а за случајот е отворена истрага.

    По телефонскиот разговор со ирачкиот премиер, Саудиска Арабија одлучи во оваа фаза да не возврати со воен одговор. Од саудиското министерство наведуваат дека кралството ќе ги поддржи напорите на ирачката влада за спречување на нападите што се вршат од нејзина територија врз соседните земји. Истовремено, Ријад соопшти дека го задржува своето право да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на сопствениот суверенитет, безбедноста на своите капацитети и сигурноста на своите граѓани и жители.

    Нападот доаѓа во период на брзо напредување на јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, што создава дополнителен притисок врз глобалните поморски патишта за транспорт на нафта додека војната меѓу САД и Иран навлегува во седмиот месец. Извори наведуваат дека со молскавичното напредување Хутите зазеле голем дел од јеменското крајбрежје. Групата тврди дека воспоставила контрола врз теснецот Баб ал-Мандеб, влезната порта кон Црвеното Море и Суецкиот Канал, додавајќи дека поморската пловидба е безбедна за сите компании, со исклучок на саудиските пловила.

    Ваквиот развој на настаните создаде притисок од двете страни на Арапскиот Полуостров, со што цената на суровата нафта на светските берзи се искачи над 100 долари за барел за првпат од јули.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира