Парламентарното мнозинство од СДСМ и албанските партии и денеска повторно ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на собраниската говорница, бидејќи место за точката за избор на претседател на Комисијата за избор и именувања, зборуваат и си даваат поддршка и пофалби меѓу себе, за сосема петти теми. Пратениците од мнозинството го обвинија и претседавачот Трајко Вељаноски дека го узурпирал претседателското столче, а тој им кажа дека нема наското да стане од него.
Во еден момент, кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски згреши и на Вељаноски му се обрати со „претседателе“, реагираше пратеникот од НСДП Горан Мисовски, како што рече, безобразието на Вељаноски и Димовски.
„Не ме викајте претседател, ве молам. Нарекувајте ме претседавач, оти колегите од СДСМ се чувствителни. Еве Мисовски видете колку е нервозен. Од нервоза, се премести од последното, на првото столче“, му одговори Вељаноски.
Кога Мисовски и останатите пратеници од СДСМ му дофрлуваа на Вељаноски да стане од местото што го узурпирал, тој на Мисовски јавно му се обрати:
„Ќе почекаш за да седнеш на ова место. Многу се чека за овде. Сакаше еден да седне тука, ама…“, рече Вељаноски како претседавач.
Пред редовната пауза, дел од пратениците од парламентарното мнозинство од СДСМ и од коалицијата ја напуштија седницата се повлекоа во клубот на пратеници во Собранието на консултации. Собраниската седница останаа да ја следат само седуммина пратеници на СДСМ, меѓу кои Зоран Заев и Оливер Спасовски.
Во еден момент, пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ им порача на пратениците од СДСМ да не помислуваат да креираат инциденти во Собранието.
„Нека не ве лаже паметот да правите чекори кои што ќе ги зголемат тензиите во Собранието“, кажа Милошоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА