За една недела двајца анонимни граѓани пријавија директно во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дека службени лица односно функционери им бараат мито. Обвинителството експресно ги фати со бележани пари. Тоа се возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев и во четвртокот директор во Царина со 17.500 евра.
Порано граѓаните повеќе пријавуваа во полиција, а сега за висококоруптивни случаи сторени од луѓе од власта, почесто се обраќаат во Обвинителството за организиран криминал.
Граѓанин – сопственик на фирма за увоз и извоз на вештачко ѓубриво го пријави директорот на Државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев дека му бара мито од 100.000 евра. Обвинителството го фати на лице место, на Анакиев од владејачката Социјалистичка партија моментално му се суди во Кривичниот суд Скопје.
Пред тоа граѓанин пријави во Обвинителството за организиран криминал дека за да те стават на ранг-листа за ИПАРД- средства погоре, а ти не ги исполнуваш условите, треба да платиш во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ преку организирана мрежа. И за тоа има тековен судски процес против тогашниот директор на Агенцијата и уште неколкумина физички и правни лица, а главната посредничка преку која одело земањето мито призна вина и доби пресуда.
Во меѓувреме во Обвинителството за организиран криминал сега осудениот адвокат Фехми Стафа и бивш претпоставен на сопругата на судијата Ѓоко Ристов во Државното правобранителство, пријави дека 50-те илјади евра кеш со кои беше фатен биле за судијата Ристов, од сестрата на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого во дел од постапката одлучувал овој судија. Тоа ја доведе истрагата до куќата на Ристови во Неготино, каде во ѕидот во кујната, во дупка беа откриени соѕидани 350.000 евра без покритие. И за Ѓоко Ристов во моментов тече судски процес.
Постапувајќи по пријава од граѓанин, јавен обвинител од ОЈО за организиран криминал и корупција во четвртокот уапси помошник–директор на Секторот за административно – технички работи во Царинската управа Џ.И. (63) од Шипковица.
Врз основа на досега прибраните докази, постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривични дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание. Во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил парични средства во вкупен износ од 17.500 евра. Дел од средствата, во износ од 7.500 евра, биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Дополнително, во врска со друга постапка за јавна набавка што била предмет на жалбена постапка, осомничениот побарал уште 10.000 евра, при што се повикал на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката. Според прибраните докази, за возврат тој требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка и да делува во однос на условите и техничката спецификација.
Откако ги примил парите, бил запрен од полицијата, но не застанал туку удрил во полицаец и во полициско возило, а торбата со пари ја фрлил преку прозор додека бегал. Подоцна директорот во Царина бил фатен и притворен.
Пријавата на граѓанинот му овозможило на ОЈО ГОКК навремено да преземе законски дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на акцијата.
„За неполна седмица, ова е втор случај во кој ОЈО ГОКК постапи по пријава од граѓанин, презеде дејствија што резултираа со успешна реализација. Ваквите случаи ја потврдуваат важноста на соработката меѓу граѓаните и надлежните институции во навременото откривање и гонење на коруптивните кривични дела. Обвинителството ги охрабрува граѓаните кои располагаат со сознанија или информации за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните органи. Секоја основана информација се проверува со должно внимание, а идентитетот и личните податоци на лицата кои пријавуваат се заштитуваат согласно законските можности и потребите на постапката“, повика вчера Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Пред само шест дена, на 6 септември, Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија. Постои основано сомневање дека осомничениот сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари.
По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани.
С. К. ДЕЛЕВСКА



