Уставниот суд засега ги спаси од барок Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), откако Владата лани во јули овие објекти ги прогласи за објекти од посебен интерес и му ја зеде ингеренцијата на Општина Центар за нив.
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за испитување на уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој овие објекти се прогласуваат за објекти од посебен интерес заради изработка на планско урбанистичка документација за нив. Според овој член, Владата може без никакви критериуми, по своја желба, волја, потреби и вкус, да донесе одлука да прогласи објект што е од посебен интерес и да го видоизменува, растура, доградува, преправа. Освен што ја донесоа оваа одлука, уставните судии изгласаа и времена мерка запирање на сите активности на Владата за каква било активност додека Уставниот суд не донесе одлука за членот 50, кој е оспорен во целост.
Иницијативата до Уставниот суд ја поднело здружението на архитекти „Проблесок“.
Уставниот суд сега решението за поведување постапка треба да го прати до доносителите на актот, до Владата и до Собранието. Им се дава рок од 30-40 дена тие да одговорат, да испратат мислење, а потоа на седница уставните судии ќе гласаат дали тој ќе биде укинат, поништен.
Судија – известител за овој предмет е уставната судијка Наташа Габер – Дамјановска.
Со ланската постапка на Владата се отстрани Општина Центар како последната пречка за преслекување во барок на овие објекти, оти градоначалникот Андреј Жерновски најави дека нема да дозволи ширење на барокот. Со статусот објекти од посебен интерес, за овие објекти Општината нема никакви ингеренции. Плановите за нив ги прави државната Агенција за планирање на просторот, документацијата ја подготвува Министерството за транспорт и врски, а одобренијата за градење место Општината и Градот, како за сите останати градби, ги издава Град Скопје.
Барокот за ГТЦ го осмислија Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според нивниот проект трговскиот би се надградил за уште еден кат, би се затворил од сите страни и би се направиле влезови со антички столбови, а на покривот предвидени се три куполи како оние на Собранието и скулптури.
За барок на МОБ и на Универзитетска библиотека се уште нема проекти, но и за нив Владата донесе одлука да се прогласат за објекти од посебен интерес заради изработка на урбанистичко-планска документција, терминологија зад која, според архитектите, се крие најавата за преслекување во барок.
Обид да го сопре барокот за ГТЦ во 2014 година имаше градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Тој побара од Уставниот суд да ја преиспита измената на Законот за градба односно членовите кои предвидоа за објектите од посебен интерес општината да нема ингеренции и место општината одобренијата за градење да ги издава Град Скопје. Една година подоцна, во 2015 година, Уставниот суд ја отфрли инцијатива на градоначалникот за приспитување на измените во Законот за градба.
С. К. ДЕЛЕВСКА