БЕЗ СОПСТВЕНИ ПРОСТОРИИ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ РЕАЛИЗИРАМЕ СИТЕ ИДЕИ, ВЕЛАТ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР, КОЈ НАЈАВИ СЕРИЈА КОНЦЕРТИ И ИЗДАВАЊЕ АЛБУМ

    БЕЗ СОПСТВЕНИ ПРОСТОРИИ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ РЕАЛИЗИРАМЕ СИТЕ ИДЕИ, ВЕЛАТ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР, КОЈ НАЈАВИ СЕРИЈА КОНЦЕРТИ И ИЗДАВАЊЕ АЛБУМОд НЏО велат дека нивните концерти исклучиво се прават во слободните термини во Операта или во Филхармонијата. (Фото: СДК.МК)

    Гостувања во Португалија, Прага и Сараево, славенички концерти и издавање на првиот албум се меѓу содржините од богатата агенда на Националниот џез оркестар (НЏО) до крајот на годината. Новата сезона се отвора на 7 октомври со концертот со минатогодишниот добитник на Греми, Дан Пугач.

    За почеток би сакал да го најавиме Дан Пугач, кој доаѓа со своето трио на 7 октомври. Потоа имаме јубилеј на нашиот постојан член Сашко Николовски, кој ќе настапи со свој авторски материјал, па одиме во Прага и ќе го отвориме Сараевскиот џез фестивал“, кажа директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски.

    НЏО ќе настапи и на фестивал во португалскиот град Гимараеш, заедно со Курт Елинг, а во Скопје ќе го нагости познатиот џез пијанист Мишел Камило. Оркестарот подготвува и јубилеен концерт на легендарниот пејач Славе Димитров.

    За декември се најавени концерти во соработка со детскиот фестивал „Поточиња“ и новогодишен концерт со Џон Илија Апелгрен и други солисти.

    Во Прага ќе се претставиме со наш авторски материјал. Композициите ги има на нашиот прв албум, кој веќе е спремен и наскоро ќе излезе официјално“, откри Стевковски.

    Иако оркестарот располага со поголем буџет откако стана национална установа, Стевковски вели дека треба да се средат уште некои техничко-логистички работи за да може да ги реализира сите свои идеи и амбиции. Ова првенствено се однесува на добивањето сопствен простор, кој сѐ уште не е спремен и не се знае кога ќе биде.

    Тоа прашање треба да се упати до Министерството за култура, бидејќи тие располагаат со просториите. Тие се наменети за нас, меѓутоа процесот на реализација го контролира Министерството. Сега сме малку ограничени, зашто нашите концерти исклучиво се прават во слободните термини во Операта или во Филхармонијата. Многу е поедноставно кога имате свои простории за вежбање и работите со полна пареа. Вака е малку проблематично, иако се снаоѓаме многу добро“, кажа Стевковски.

    На 27 мај, Стевковски рече дека на 26 мај почнала втората и завршна фаза од двегодишното реновирање на просторот за НЏО под објектот на Националната опера и балет (НОБ) и оти очекува да се вселат во септември.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира