САД потврдија дека распоредиле вселенско оружје во Земјината орбита, што е првпат да признае такви офанзивни способности. Американскиот секретар на воздухопловните сили Трој Мајнк рече дека оружјето во орбита е неопходно за да се заштитат американските сили од непријателски дејствија.
Тој не појасни какви се способностите на оружјето и кога било ставено во орбита.
Високи воени лидери претходно изјавија дека планираат да ги зајакнат воените способности во вселената, наведувајќи ги руските и кинеските програми кои развиваат начини за напад и нарушување на американските сателити во иден конфликт. Администрацијата на Трамп ги смета вселенските способности и пресретнувачките ракети за клучен дел од планираниот одбранбен систем „Златна купола“.
Договор од 1967 година го забрани оружјето за масовно уништување во орбитата. Оттогаш, САД, Русија и Кина истражуваат други способности надвор од договорот, како што е таргетирање на сателитите на ривалите.
Минатата година Доналд Трамп издаде извршна наредба со која се нагласува улогата на американските вселенски сили, не само за одбрана, туку и како напаѓачка сила. Вселенските сили на САД беа лансирани во 2019 како начин за заштита на американските средства во вселената, вклучувајќи стотици сателити што се користат за комуникација и надзор.
Во 2024, САД соопштија дека Русија лансирала сателит за кој веруваат дека може да биде способен да нападне други слични сонди. Русија јавно не го коментираше ова.



