Започна постапката за враќање на платениот паркинг во Велес, што ќе се случува етапно. На последната седница на Советот беше усвоена точката за јавните паркиралишта од значење за Општина Велес.
„Носењето на оваа одлука не значи дека автоматски од утре започнува платениот паркинг во Велес. Тоа е чекор во подготовка на воведување на платен паркинг во иднина“, кажа Панче Јанев, секретар на Општина Велес.
На оваа одлука реагираше советничката Анета Стаиќ, која ја поздрави, но кажа дека имала одредени недостатоци.
„Се остава многу простор за носење одлуки на јавното претпријатие ‘Парк, спорт и паркинзи’. Управниот одбор сам ги донесува правилниците за управување и користење на паркинзите и за цените, а не Советот. Таков случај беше во Општина Центар во Скопје. Во пракса, УО сам ќе одлучува за резидентно паркирање, која е потребната документација, за блокирање на возила и паркинзи за лица со попречености“, кажа Стаиќ.
Претседателот на Советот, Даниел Јаневски, рече дека сите правилници изработени од УО на ЈП ќе бидат доставени до Советот и тој ќе донесе одлука за нивна важност и усвојување.
Со донесената одлука се уредуваат јавните паркиралишта од значење за Општина Велес на кои се организира паркирање со наплата, нивната поделба во зони и подзони. Според изготвениот регистар, во Велес има во зона А со 173 паркинг места, зона Б со 581 место и Зона Ц со 209 паркинг места. Вкупно, во градот има 963 паркинг места, во кои се вметнати и 100-те од подземната катна гаража, која е во изградба.
На улиците Благој Ѓорев од Авона надолу и 8 Септември од Пошта до саатот, каде што во трета лента секојдневно има паркирано стотици автомобили, како регионални патишта засега нема да се плаќа паркирањето. Според објаснувањето од локалната власт, така ќе биде додека не се изгради обиколницата околу Велес за Чашка, чија изградба се најавува една година.
- ПЛАТЕНИОТ ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС СТАВЕН ВО МИРУВАЊЕ
- ПЛАТЕНИОТ ПАРКИНГ Е ВОВЕДЕН ИЗБРЗАНО И СОЗДАДЕ УШТЕ ПОГОЛЕМ НЕРЕД, СМЕТААТ И ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ВО ВЕЛЕС
Одлуката за платен паркинг беше донесена во декември 2020, a во април 2022 беше ставена во мирување. Велес имаше платен паркинг во пракса шест месеци. Укинат беше поради финансиски загуби при работењето.
П. ПЕЧКОВ



