Во Велес повторно ќе наплатува паркирањето во центарот, најави градоначалникот Марко Колев. Наплатата ќе почне од септември, откако претходно Советот ќе донесе одлука.
Во Велес платен паркинг имаше само пет месеци. Во 2021, по доаѓањето на новиот состав на Советот, беше донесена одлука да се стопира плаќање на паркингот во центарот на градот. Тогаш беше кажано дека оваа одлука е привремена и оти плаќањето е ставено во мирување додека не се создадат услови.
„Веќе почнавме преку јавното претпријатие да бележиме места за паркирање на одредени паркинзи. Треба фазно да го враќаме платениот паркинг во централното градско подрачје. Тоа е заради воведување ред во сообраќајот во Велес. Бидејќи ова што се случува е безредие. Со оваа одлука ќе бидат вклучени и новите паркинзи. Кога ќе биде готова и подземната катна гаража и таа ќе биде вклучена“, кажа Колев.
Задолжено за реализација на паркирањето ќе биде, како и претходно, ЈП „Парк спорт и паркинзи“.
П. ПЕЧКОВ



