ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК ИДЕНТИФИКУВАН НОВ ВИД МАЧКА, ЗАСЕГА Е ПОЗНАТ САМО ЕДЕН ЖИВ ПРИМЕРОК

    ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК ИДЕНТИФИКУВАН НОВ ВИД МАЧКА, ЗАСЕГА Е ПОЗНАТ САМО ЕДЕН ЖИВ ПРИМЕРОКПотврдено е дека една дамчеста мачка од шумите на Боливија претставува нов вид (Фото: Паола Ногалес-Аскарунц)

    Потврдено е дека една дамчеста мачка од шумите на Боливија претставува нов вид. Оваа мала мачка, со големина на домашната мачка, долго време останала незабележана бидејќи била мешана со други диви мачки кои имаат слични дамки и пруги.

    Сепак, ДНК анализите покажуваат дека таа, всушност, претставува посебен вид. Научниците се надеваат дека ова откритие ќе го сврти вниманието кон заштитата на тигрестите мачки, група мали диви мачки од Јужна и Централна Америка, кои добиваат помало внимание во споредба со нивните поголеми роднини, како што се лавови, леопарди и тигри. Со ова откритие, за првпат по повеќе од еден век официјално е именуван и опишан нов вид жива мачка.

    Тигрестите мачки се мали, дамчести диви мачки, кои се среќаваат низ Средна и Јужна Америка, од Костарика до Боливија и Аргентина. Тие изгледаат многу слично, што дури и на експертите им е тешко да ги разликуваат.

    „Неверојатно е што откривме нов вид во светот, го нарековме Leopardus tilcayo. Неверојатно е што сè уште постојат нови видови кои чекаат да бидат откриени. Не мораме да одиме на вулкан, на остров или длабоко во море“, изјави Паола Ногалес-Аскарунц од Универзитетот „Мајор де Сан Андрес“ во Ла Паз, Боливија.

    Познат е само еден потврден претставник на видот, мачка што живее во прифатилиште во Боливија, но научниците веруваат дека постојат и други. Токму оваа 10-годишна мачка, со прекар Тигрино, ги насочи научниците кон откритието. Долга е 46 сантиметри и тежи 1,5 килограми, со што е помала од просечната домашна мачка.

    Генетската анализа укажа на тоа дека лозата тилкајо се одвоила од другите тигрести мачки пред околу 1,4 милиони години.

    И дивите и домашните мачки припаѓаат на биолошкото семејство Felidae. Официјално се признати 41 вид, но новото откритие, како и сознанието дека можеби постојат неколку видови тигрести мачки, ја зголемуваат таа бројка на 44 или повеќе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира