ПЕТАР ГАЈДОВ СЕ ВРАБОТИЛ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ КАКО АЛБАНЕЦ, ПА СТАНАЛ ДИРЕКТОР КАКО МАКЕДОНЕЦ И ФАЛСИФИКУВАЛ ЗАПИСНИК ЗА ДА ЈА СПАСИ МАРИЈА МИТЕВА ОД КАЗНА, РЕЧЕ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ

    ПЕТАР ГАЈДОВ СЕ ВРАБОТИЛ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ КАКО АЛБАНЕЦ, ПА СТАНАЛ ДИРЕКТОР КАКО МАКЕДОНЕЦ И ФАЛСИФИКУВАЛ ЗАПИСНИК ЗА ДА ЈА СПАСИ МАРИЈА МИТЕВА ОД КАЗНА, РЕЧЕ ОЛИВЕР СПАСОВСКИСпасовски рече дека Гајдов пред да дојде на директорската функција, како претседател на Прекршочната комисија донел спорно решение за запирање на постапка против Марија Митева, тогашна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашна портпаролка на Владата. (Фото: Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер)

    Директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер Петар Гајдов се вработил како Албанец, а станал директор како Македонец, рече пратеникот Оливер Спасовски.

    Спасовски говореше на вчерашната 84. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, каде на дневен ред беше Годишниот извештај на Агенцијата за 2025 година. Со документи, тој му се обрати на Гајдов и кажа дека тој е вработен во Агенцијата во 2021 година, на работно место помошник-раководител на сектор за правни, општи работи и управни постапки во Секторот за управно-правни работи, каде што се бара еден извршител.

    „Ова е јавниот оглас на кој што сте вработени. И во тој јавен оглас вика дека предвиденото вработување, согласно годишниот план за институцијата за 2020 година, е Албанец, односно Албанка. ​Согласно решението во кое што се врши изборот, јасно е дека сте избрани за раководител, односно за помошник-раководител на тоа место, како етнички Албанец во тоа време. Јас не навлегувам  во тоа дали вие сте Албанец, Македонец, Кинез и така натаму, секој има право, тоа е природно право. И вие сте сѐ Албанец сѐ до моментот кога треба да конкурирате за директор на институцијата. ​Пред да конкурирате за директор на институцијата, давате изјава заверена кај нотар. Еве ја изјавата. Во којашто велите: ‘Јас, Петар Гајдов, со матичен број тој и тој, од Скопје, вработен во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, на работно место помошник-раководител на сектор за управно-правни и општи работи, под целосна морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека во моментов кога ја давам оваа изјава се вели се чувствувам како Македонец, со македонска национална свест и припаѓање на македонскиот народ’. ​И ова не е спорно воопшто. Веројатно и претходно под полна материјална, кривична и секаква одговорност се чувствувам Албанец и припаѓам на албанскиот народ, само за да го добијам тоа работно место. ​Ова говори за кредибилитетот на човекот којшто ја води институцијата во којашто кажува дека треба да имаме кредибилитет, доверба, зајакнување и така натаму и така натаму. Јас не можам да верувам во работиве коишто се тука. Така да, тоа што тогаш сте примени во време на СДСМ итн., тоа не е важно, партиската припадност не била важна тогаш, сте се вработиле итн., меѓутоа многу важно е дали вие сте ги манипулирале фактите во однос на вашето вработување или не“, рече Спасовски.

    Тој се осврна и на тоа дека Гајдов бил претседател на Прекршочната комисија во Агенцијата во тој период пред да биде директор. Членови биле и Василка Поп-Ѓоргиева и Инџи Џоџа.  Спасовски рече дека за јавноста е интересен предметот поврзан со Марија Митева, тогашна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, денеска портпаролка на Владата и претседателка на Унијата на жени.

    Спасовски рече дека и покрај другите институции, и политичките партии се задолжени да поднесуваат извештај за тоа на кого одговориле, кого не одговориле, да добијат слободен пристап до информации итн., меѓу коишто има таква жалба до Агенцијата. Во Агенцијата се констатира дека работата не е завршена и дека треба да има прекршочна постапка, и таа прекршочна постапка се упатува кај Прекршочната комисија во којашто Гајдов е претседател на комисијата.

    „Е сега, каде е спорот? И пак ќе зборуваме за кредибилитетот. Значи, немам ништо против вие да го затворите предметот. Ама да го затворите добро. Значи, ако сте познавач во таа област, ако сакате да помогнете на Марија Митева и на ВМРО-ДПМНЕ, ако заради таа помош сакате да добиете одредена позиција еве сега да станете директор итн., мора да ги имате средено работите така да покажете дека навистина сте добар експерт. ​Вие носите решение за запирање практично на постапката дека нема услови за да се казни прекршочно и еве го решението коешто е донесено на 26.07.2025 година — еве го решението. И сега во решението стои дека постапката против Марија Митева, службено лице за посредување со информации од јавен карактер нема такви информации во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што не подготвила и не доставила извештај до Агенцијата, се запира, односно според член 115 став 2 од Законот за прекршоци“, рече Спасовски.

    Тој го прочита образложението во кое, како што рече, Гајдов појаснува како тече целата таа постапка и меѓу другото стоело: „Прекршочната комисија на 24.07.2025 година по електронска пошта го извести службеното лице за посредување со информации од јавен карактер — тоа ќе рече Марија Митева — дека има право во рок од 3 дена од денот на добивањето на известувањето да се изјасни за фактите и доказите во врска со сторениот прекршок“, што е согласно процедурата.

    „Значи, на 24.07.2025 година вие доставувате писмено известување по мејл на Марија Митева да каже дали се чувствува виновна, има нешто да каже итн., за да вие после тоа носите одлука на Комисија. ​Е сега, што е чудно и што е невистинито? Овде имаме еден записник од одржување на Прекршочната комисија. Записник од одржана 21. седница на Прекршочната комисија при Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер одржана на 21.07.2025 година, значи 3 дена пред да ја започнете постапката со доставувањето на писмото до лицето коешто е задолжено за слободен пристап до информации. И викате дека на седницата биле присутни членовите на Прекршочната комисија Петар Гајдов, Василка Поп-Ѓоргиева и Инџи Џоџи — овие луѓе не присуствувале, двајцата, и Василка и Инџи Џоџи, постојат изјави дадени дека не присуствувале. Значи, ова е записник кој вие сте го направиле. ​И во записникот стои, меѓу другото, точка 2: Постапување по прекршочни предмети. Ги броите сите, меѓу кои и предметот за Марија Митева дека „по спроведената постапка за службените лица за посредување од јавен карактер итн. да донесе решение за глоба, односно да утврди дека сторителот на прекршокот како службено лице не ја исполнил законската обврска…“, меѓутоа за ова решение или за оваа постапка којашто е за Марија Митева вие на 21-ви викате ќе се отфрли. А на 24.07 почнувате постапка за тоа да видиме дали ќе се отфрли преку добивањето на одговорите итн“, рече Спасовски.

    Митева прeку Фејсбук објава му се обрати на Спасовски дека од собраниска говорница правел политички конструкции чија цел е нејзина политичка дискредитација и ништо друго.

    „Повтори дека некој фалсификувал документи за да ме спаси мене. Или дека имало намера, насока или било каква интервенција од мене некој да направи нешто спротивно на закон за да ме ‘спаси’. Кажи го тоа директно. Со име и презиме. И со доказ. Затоа што никогаш не сум барала од кого било да ме ‘спасува’. Твојата конструкција е очигледна и сакаш политичка приказна, а моето име го ставаш во неа само за да ме дискредитираш“, вели Митева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира