Дина Дума направи феминистички филм, покажува силни жени и се трудевме да не биде стереотипен филм, рекоа актерките Симонида Филиповиќ и Санела Емин, на денешната прес-конференција во Битола, по синоќешната проекција на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“. Со македонската премиера на филмот почна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.
Ова е втор филм на Дума, по „Сестри“, и е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а ја следи приказната за три генерации жени од скопската ромска населба Шуто Оризари кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, која ја игра Ефќар Абаз.
Абаз беше и на премиерата во Битола, и тоа беше првпат таа да влезе во киносала.
Главните улоги ги толкуваат Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.

Митевска, Нуаром, Емин, Филиповиќ и Дума на денешната прес-конференција во Битола. (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)
Актерките денеска рекоа дека темата е мошне деликатна и дека најчесто се зборува за ромската популација, а не со ромската популација.
„Кога самата заедница ќе ја ставите да зборува за тоа добивате ваков филм. Овие прашања треба да се отвораат“, рекоа актерките.
Дума рече дека разговарале со кинематограферот Фредерик Нуаром како да го пренесат животот во Шутка.
„Тој никогаш претходно не бил тука и затоа дојде, пиеше кафе со моите пријатели и сè она што го виде во припремите се најде во филмот. Двете актерки не се професионални актерки, па импровизиравме, не се држевме многу до сценариото, на пример, сцената со огледалцето, девојчињата вистински си играа со огледалцето и двајцата сфативме дека тое многу пореално од она што ја го имав напишано и затоа ја снимивме сцената“, рече Дума.
Според Нуаром, сценариото не трпело никакви лаги, барало целосна транспарентност.
„Ме фасцинираше приказната и самиот факт што таа пристапи на сосема друг начин – сакаше да прикаже силни жени, сакаше класична музика во филмот, сѐбеше спротивно на оние стереотипи кои ги знаеме досега за филмови кои се снимале за ромската популација“, рече Митевска.
Светската премиера беше на 4 јуни на Трајбека во Њујорк, еден од најзначајните филмски фестивали во Северна Америка, каде ја освои наградата „Нора Ефрон“ која се доделува на исклучителна режисерка. Во август ја доби Специјалната награда за младинска перспектива на Филмскиот фестивал во Сараево.
Денеска прес-конференција одржаа и Дан Лаустсен и Џаф Кроневет, двајцата лауреати на наградата Специјална Златна камера 300 за животно дело и за особен придонес во филмската уметност.
Лаустсен говореше за соработката со Гилјермо дел Торо и истакна дека ако се наврати на првиот филм кој го работеле заедно и е снимен дигитално, принципот на работа му се чинел дека е многу сличен како тој што е на филм.
„Вистина е дека може да го смените во постпродукција, ќе пипнете две три копчиња и ќе добиете нешто сосема поинакво, но во случајов толку беа избрани сите бои во сценографијата, костимите, на сетот се работеше многу однапред и не сакавме ништо да менуваме и да доловиме се онака како што било додека се работело на филмот. Во ‘Уличка на кошмарите’ го направивме тоа, ја сменивме палетата на бојата, но тоа не ни се допадна и затоа се вративме на стариот принцип на работа“, рече Лаустсен.
Работел во САД и во Европа и рече дека го има истото искуство и дека најмногу зависи од буџетот на филмот колкава екипа ќе имате во тимот камера.
„Во САД може да имате огромен буџет за филм, но мојот пристап е ист сакам да се работи со едно осветлување, со една камера затоа што така имате поголема контрола врз креативниот процес“, рече Лаустсен.
Кроневет работи со Дејвид Финчер долги години и рече дека Финчер е режисер од „старата школа“ и сака голем дел од работата пред снимањето на филмот да биде завршена.
„Со него многу работиме однапред, многу ги разгледуваме сите можности, референци и доаѓаме до решение кое ни одговара нам. Се трудиме да ги пробиеме сопствените граници, тој сака да експериментира, ги користи сите технолошки иновации кои ни се достапни“ , рече Кроненвет. Тој посочи дека е убаво да се снима на филмска лента затоа што тогаш има една гледна точка и на режисерот и на кинематограферот и тогаш можете полесно да ја доловите, а кога се снима дигитално се добива некаков разногласие, рече Кроненвет.
„Не се плашам да снимам на филмска лента затоа што не се плашам дека утрото ќе ми се јават од лабораторијата и ќе ми кажат дека се уништило тоа што се снимало. Филмот ‘Социјална мрежа’ со Финчер го снимавме дигитално и многумина не беа сигурни дали навистина филмот е снимен доготално и тоа за нас беше комплимент“, рече Кроненвет.
Добитникот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), Петар Арсовски зборувапе за значењето на наградата и за своите искуства на снимањето на филмовите во минатото, соработката со кинематограферите, режисерите и останатите колеги.
„Наградата на ДФРМ за мене е посебна затоа што ја добивам од моите мнгу драги и строги критичари. Сум работел и со странци и со филмски работници од регионот и сметам дека македонските филмски работници не заостануваат во ништо“, рече Арсовски.
Додаде дека покрај со режисерот мора да има соработка како актер и со кинематограферот бидејќи тој е оној што забележува се што ќе одигра актерот.
„Соработката меѓу кинематограферот и мене секогаш давала чудесни резултати бидејќи тие не се само сниматели тие се автори кои имаат безброј начини како ќе го пренесат актерот. И затоа сојузот со кинематограферот е најважен“, рече Арсовски и додаде дека сега начинот на снимање е сменет, но посветеноста не е различна.





