ВО БИТОЛА ПОЧНУВА 47. ФЕСТИВАЛ „БРАЌА МАНАКИ“, ОТВОРАЊЕТО Е СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА

    ВО БИТОЛА ПОЧНУВА 47. ФЕСТИВАЛ „БРАЌА МАНАКИ“, ОТВОРАЊЕТО Е СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМАГлавен лик во „Скејтањето не е за девојчиња“ е 13-годишната Адела, која ја игра Евќар Абаз. (Фото: „Продукција Сестри и брат Митевски“)

    Со проекцијата на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, вечерва почнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола. Свеченото отворање е од 20 часот во Центарот за култура.

    Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“ и ја следи приказната за три генерации жени од ромската населба Шуто Оризари кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела.

    Ова е негова македонска премиера. Светската премиера беше на 4 јуни на Трајбека во Њујорк, еден од најзначајните филмски фестивали во Северна Америка и меѓународно значаен. Во август ја доби Специјалната награда за младинска перспектива на Филмскиот фестивал во Сараево.

    Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, продуцентка е Лабина Митевска. Кинематографер на филмот е Фредерик Ноаром.

    Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“.

    „Браќа Манаки“ ќе трае до 25 септември во Битола.  Фестивалот ќе го затвори македонската премиера на дебито на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, чиј кинематографер е Дејан Димески.

    Еден од главните гости и лауреати ќе биде американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на филмовите „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Кроненвет ќе ја добие наградата Златна камера 300, заедно со претходно најавениот дански лауреат Дан Лаустсен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира