Грчката полиција ја истражува смртта на 82-годишен маж по тепачка за лежалка на плажа на атинската ривиера.
Мажот дошол на плажа во Вуљагмени пред 10 часот во неделата, надевајќи се дека ќе најде лежалка, но набрзо почнал да се расправа со друг маж, опишан од властите како „76-годишник непознат за него“, кога станало јасно дека нема слободни лежалки. Кавгата прераснала во тепачка, во што се вклучиле и други. Се верува дека 82-годишникот, кој бил со својата сопруга, доживеал срцев удар за време на тепачката.
„Се чини дека учествувале и луѓе кои биле со напаѓачот. 82-годишникот бил сериозно повреден и бил префрлен во болница, каде што им подлегнал на раните“, објави државната телевизија „ЕРТ“.
Полицијата го уапсила 76-годишникот, како и 21-годишна жена која била со него, но таа подоцна била пуштена. Менаџерот на плажата бил исто така приведен на испрашување.
Еден очевидец изјави за весникот „Катимерини“ дека сцената била толку хаотична што врескањето можело да се чуе на другиот крај на плажата.



