„Скејтањето не е за девојчиња“, вториот филм на на режисерката Дина Дума, од 8 октомври ќе игра на редовниот репертоар во Синеплекс во Скопје, објави киното .
Филмот ја следи приказната за три генерации жени од скопската ромска населба Шуто Оризари кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, која ја игра Ефќар Абаз. Главните улоги ги играт и Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Кинематографер е Фредерик Нуаром.
Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ филмот е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и фондовите Еуримаж и Медиа.
Дума, чие наградувано деби „Сестри“ излезе во 2021, на прес-проекцијата на „Скејтањето не е за девојчиња“ на почетокот на месецов рече дека во една прилика видела девојче во ромски шалвари со скејтборд и оти тоа бил впечатлив момент за неа и таа слика останала долго со неа и ѝ се навраќала.
„Следно што направив е што го разгледував алманахот од основно училиште и о него видов слика од една моја другарка којашто во тој момент имаше 13 години и којашто всушност имаше слична судбина како што имаше Зара (н. з. ликот од филмот), односно беше омажена и стапи во брак, излезе од училиште и сфатив дека од од мои 13 години јас ја немам неа воопшто видено, ниту сретнато низ град. А и што беше најтрагично и тажно е што воопшто не можев ни на Фејсбук и Инстаграм да ја најдам, бидејќи тогаш немавме Фејсбук, уште бевме мали за за да имаме социјални медиуми, така што комплетно комплетно изгубив трага од од неа. Во таа смисла, некако овие два настани беа клучни да почнам да размислувам како како тоа можам да го преточам во филм и така почнав, така на тој начин почнав да го размислувам сценариото“, рече Дума.
Режисерката кажа и дека истражувала со цел да добие комплетна слика за тоа што значат обичаите во ромската заедница, за да ги разбере подобро. Многу разговарала со нив, со нив го споделувала сценариото и била многу отворена да го чуе нивното мислење.
„Бидејќи јас не сум Ромка и ми беше многу важно тоа што го претставувам да биде претставено на еден адекватен начин, на многу етички начин пред сè, бидејќи исто така се зборува за една тема којашто навистина многу специфична и чувствителна. Така што, ми беше многу важно додека го пишував тоа и да, откако го поминав тој цел процес и време поминато во Шутка, навистина мислам дека ми помогна и гледам дека луѓето од заедницата супер реагираат на филмот, што за мене искрено значи најмногу од сè“, рече режисерката.
Дума кажа и дека девојчињата кои играат сестри, Абаз и Јашари како Адела и Зара се братучетки во приватниот живот и дека токму таа роднинска блискост била клучна за двете да ги добијат улогите и да ја доловат близината на сестрите.
Светската премиера на филмот беше на 4 јуни на фестивалот Трајбека во Њујорк, еден од најзначајните филмски фестивали во Северна Америка каде ја освои наградата „Нора Ефрон“ која се доделува на исклучителна режисерка која го претставува духот и визијата на легендарната режисерка, сценаристка, драматург и новинарка Ефрон. Во август ја доби Специјалната награда за младинска перспектива на Филмскиот фестивал во Сараево.
Со македонската премиера на филмот, на 19 октомври почна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.
Б. НЕСТОРОСКА



