АДВОКАТОТ ЈОРДАН АПОСТОЛСКИ ЈА СПОРИ ПРИЧИНАТА ЗА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ ВО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ ЗА ПРОНЕВЕРА ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ ДЕКА ЗАКОНОТ ДАВА ТАА ДА ОРГАНИЗИРА  ЕЛЕКТРОНСКИ ИГРИ НА СРЕЌА

    АДВОКАТОТ ЈОРДАН АПОСТОЛСКИ ЈА СПОРИ ПРИЧИНАТА ЗА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ ВО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ ЗА ПРОНЕВЕРА ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ ДЕКА ЗАКОНОТ ДАВА ТАА ДА ОРГАНИЗИРА  ЕЛЕКТРОНСКИ ИГРИ НА СРЕЌАЗа одбраната е нејасно зошто Обвинителството го штити монополот што тогаш ги имала Казинос Австрија, а не и правото на Државна лотарија самостојно да приредува електронски игри на среќа. (Фото: СДК.МК)

    Со читање на над 200 предложени докази од двајца обвинители од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, против осумтемина обвинети за проневера на скоро 10 милиони евра во Државна лотарија на Македонија, во 2023 и во 2024 година, продолжи судското рочиште во Основниот кривичен суд Скопје.

    Адвокатот Јордан Апостолски кажа дека обвинителниот предлог, односно базичното тврдење дека „Државна лотарија“ не можела самостојно да приредува електронски игри на среќа, не е точно.

    „Од самите докази произлегува дека обвинетите не само што не ги сториле делата, туку постапувале по инструкции од Владата и го штителе државниот интерес како членови на Надзорниот одбор. Нејасно е зошто Обвинителството го штити монополот што тогаш ги имала ‘Казинос Австрија’, а не и правото на ‘Државна лотарија’ самостојно да приредува електронски игри на среќа. Не е точно дека ‘Лотарија’ немала законско право да организира електронски игри на среќа. Според нашата теза и по законот, во нашата теорија на случајот ќе видите дека тоа не е така и оти ‘Државна лотарија’ можела и самостојно и со други друштва со ограничена одговрност да приредува игри на среќа”, рече Апостолски, кој е адвокат на обвинетиот Бојан Јанев од Надзорниот одбор на „Лотарија“.

    Покрај Груби и Јанев, во овој предмет се обвинети и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, ексгенералниот секретар на владата Методија Димовски, како и поранешните членови на надзорен одбор на ова државно претпријатие: Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди.

    Од појасните материјални докази што се читаа денеска, во очи паднаа одлуките и заклучоците донесени на седницата на Владата со која претседавал обвинетиот Артан Груби, а на која бил дополнет дневниот ред со четири нови точки, потоа доказите за тековната состојба на „Државна лотарија“ за 2017, 2019 и 2024 година, договорот од 2013 година меѓу „Лотарија“ и „Казинос Австрија“ за формирање друштво за организирање електронски игри на среќа, реакцијата на австриската компанија до Владата дека само ова друштво може да приредува ваков тип игри на среќа, итн.

    Груби и Бајрами избегаа во Косово во декември 2024 година. Груби се предаде во февруари 2026 година.

    На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што ги сториле во 2023 и 2024 година.

    Пропишаната казна за овие кривични дела, е од една до пет години затвор.

    Според новиот прецизиран обвинителен предлог, првичната штета од околу 8,2 милиони евра е зголемена на околу 9,7 милиони евра. Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.

    Обвинителството тврди дека Обвинетите биле свесни дека АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

    И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.

    Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.

    Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.

    Скопското обвинителство вели дека за Бајрами води уште 4 истраги за злоупотреба на службената положба, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира