РУСИЈА ГИ ЗАСИЛУВА САБОТАЖИТЕ И ХИБРИДНИТЕ НАПАДИ, НО НЕМА НАЗНАКИ ДЕКА СПРЕМА ВОЕН НАПАД ВРЗ НАТО, РЕКОА ЕВРОПСКИТЕ МИНИСТРИ ВО ОН

    РУСИЈА ГИ ЗАСИЛУВА САБОТАЖИТЕ И ХИБРИДНИТЕ НАПАДИ, НО НЕМА НАЗНАКИ ДЕКА СПРЕМА ВОЕН НАПАД ВРЗ НАТО, РЕКОА ЕВРОПСКИТЕ МИНИСТРИ ВО ОНПретставници на земјите од источното крило на НАТО велат дека Москва сè повеќе користи упади со беспилотни летала и сајбернапади за да сее страв (Фото: Гети)

    Русија ги интензивира саботажите, кибернетичките напади и другите хибридни напади низ Европа за да ја поткопа поддршката за Украина, изјавија европските министри, кои ја отфрлаат загриженоста дека Москва е способна да изведе директен напад врз НАТО.

    Зборувајќи на маргините на Генералното собрание на ОН, претставници на земјите од источното крило на НАТО изјавија дека Москва сè повеќе користи упади со беспилотни летала, сајбернапади, саботажи и други тајни операции за да сее страв, да ја тестира решителноста на западот и да ја ослабне поддршката за Киев.

    „Европа се соочува со брзо ширење на саботажи и нарушувања на воздушниот простор. Москва се обидува да ја исплаши Европа“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, додавајќи дека Русија изгледа подготвена да преземе поголеми ризици.

    Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека таквата активност на Русија повеќе не е само закана.

    „Тоа не се само закани, тоа се вистински напади. Нашите авиони ‘Ф-16‘ полетуваат речиси секој ден сега поради руските дронови и ракети“, изјави Сикорски.

    Оперативната команда на полската армија во средата соопшти дека руски воен хеликоптер „Ми-8“ накратко упаднал во воздушниот простор на Полска од руската енклава Калининград.

    Романската министерка за надворешни работи Оана Тоју изјави дека Романија забележала повеќе од 100 упади со дронови или фрагменти од дронови на нејзина територија, откако Русија ги интензивираше нападите врз украинската инфраструктура во близина на Дунав и Црно Море.

    И покрај инцидентите, министрите направија разлика помеѓу тајната кампања на Русија и можноста за директен напад врз територијата на НАТО. Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна кажа дека алармантните предвидувања за непосреден руски напад врз алијансата се погрешни.

    „Кампањата на Москва е првенствено дизајнирана да создаде страв и поделби во западните општества. Не гледаме дека Русија е способна или дека се подготвува за некаков вид активна воена агресија против НАТО или европските земји“, рече тој, тврдејќи дека Москва нема капацитети за таква операција додека нејзините сили остануваат силно ангажирани во Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира