КУЌАТА НА АЛИКАРА ВО ВЕЛЕС ЧЕКА ДА ПРОДОЛЖИ САНАЦИЈАТА КОЈА СОПРЕ ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ОТИ НЕМА СТРУЧЕН ГРАДЕЖЕН ИНЖЕНЕР

    КУЌАТА НА АЛИКАРА ВО ВЕЛЕС ЧЕКА ДА ПРОДОЛЖИ САНАЦИЈАТА КОЈА СОПРЕ ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ОТИ НЕМА СТРУЧЕН ГРАДЕЖЕН ИНЖЕНЕРПоследниот градежен инженер-статичар во Националниот конзерваторски центар, специјализиран за објекти од културно-историско значење, заминал во пензија пред десетина години, оттогаш се ангажираат надворешни соработници кои се исклучително дефицитарен кадар. (Фото: СДК.МК)

    Куќата на Аликара во Велес и натаму е без ветените и најавени градежни работи за нејзина санација. Мина една година откако лани беа отстранети градежните скелиња, а реконструкцијата беше сопрена. На почетокот од минатата година биле извршени внатрешни зафати, бил саниран кровот и биле зацврстени ѕидовите, по што биле отстранети градежните скелиња, кои беа поставени две години.

    Во меѓувреме, летово почина сопственикот Пане Апасиев кој живееше во куќата со сопругата и не дочека таа да се обнови. Додека беше жив, Апасиев, кој е татко на пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев, велеше: „Додека бевме финансиски моќни, баравме дозвола да санираме, не добивавме, потоа државата со години ветуваше и ништо не се случуваше“.

    Куќата на Аликара е пример за старата велешка архитектура. Според пишаните документи, куќата е изградена во средината на 19 век, била бегова куќа, подоцна купена од бавчованџијата Аликара, па од Апасиеви. Се наоѓа во близина на старото градско јадро Варналиите, чии куќи се исто така во лоша состојба, а една изгоре во пожар во декември 2019. Беше најавено дека ќе се изгради нова, но седум години подоцна ништо од ветувањето.

    Пред една година, од Националниот конзерваторски центар (НКЦ), на нашето прашање кога ќе продолжат градежните работи, кажаа дека „во тек е изработка на градежно-конструктивна фаза како дополна на конзерваторскиот проект по барање на Управата за заштита на културното наследство. По изработката и комплетирањето на документацијата, ќе продолжат работите“.

    Лани за санација на куќата Министерството за култура одобри 4 милиони денари (околу 65.000 евра). А во 2024 година беа издвоени 1,2 милиона (околу 20.000 евра), но таа година ништо не се презеде за санација.

    Од НКЦ сега велат дека работите не се одвиваат „ исклучиво поради алармантниот недостаток на стручен кадар во заштитата на културното наследство, а особено во недвижното културно наследство и недвижностите по намена“.

    „Имено, за конкретниот објект, во текот на изведбата на конзерваторско-реставраторските работи во 2025 година, се увиде дека Основниот проект треба да се дополни со конструктивно-статички елементи, кои не беа видливи при самото проектирање. Последниот градежен инженер-статичар во Националниот конзерваторски центар, специјализиран за објекти од културно-историско значење, заминал во пензија пред десетина години. Во 2018 година Националниот конзерваторски центар вработува градежен инженер-статичар, но до денес не покажува никаква способност за соодветната високоодговорна позиција. Оттогаш па наваму, установата оваа празнина ја пополнува со надворешни соработници, кои, исто така, се исклучително дефицитарен кадар. По запирањето на работите на објектот во текот на 2025 година од страна на конзерваторскиот надзор, националната установа побара помош од надворешни соработници од соодветниот профил, но заради нивната презафатеност поради малобројноста во државата, обврската во однос на предметниот објект ќе ја завршат до крајот на септември, односно почетокот на октомври 2026 година, по што Центарот ќе може да продолжи со обврските кон овој објект во согласност со нормативите предвидени во Законот за заштита на културното наследство“, ни рече во писмениот одговор Александар Јордановски, директор на НКЦ.

    Тој вели дека за овој проблем алармирал уште веднаш по неговото доаѓање на функцијата во јули 2025 , а при посетата на министерот за култура Седат Сулејмани на почетокот од месецов, ова прашање го ставил како приоритет.

    Освен куќата на Аликара, нема санација ни на куќите кај Варналиите. Трите преостанати се во лоша состојба, а сопствениците не смеат ништо да преземаат бидејќи се заштитени како културно наследство.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира