Во Македонија сѐ уште е ниска употребата на контрацептивни лекови, иако не е само прашање на личен избор, туку влијае и тоа што не се финансиски достапни за сите, вели Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во чест на Светскиот ден на контрацепцијата. Светскиот ден годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери“, а од ХЕРА велат дека зад правото на избор мора да стои и функционален здравствен систем кој обезбедува достапна контрацепција, квалитетно советување и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Според последните достапни национални податоци од Истражувањето на повеќекратни индикатори (МИЦС) 2018–2019 на УНИЦЕФ, 43,9 отсто од паровите на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во Македонија користат прекинат сексуален однос како метод за спречување бременост, додека современа контрацепција користат само 14 отсто.
Според податоците, околу 14% од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6% се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11% од младите жени во оваа возрасна група.
„Иако во 2026 година контрацептивните лекови се вклучени на есенцијалната листа, тие и понатаму не се покриени од задолжителното здравствено осигурување. Затоа, следниот чекор е нивно вклучување на позитивната листа на лекови, со што контрацепцијата ќе стане финансиски подостапна за граѓаните. Треба и да се обезбедат достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование, кое ќе им овозможи на младите да стекнат знаења и вештини за информирани и одговорни одлуки за нивното сексуално и репродуктивно здравје“, апелираат од ХЕРА.
Б. НЕСТОРОСКА



