Со години се најавува да се донесе Детален урбанистички план (ДУП) за Попова Шапка, но тоа никако да се реализира. На последниот брифинг со новинари, градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами кажа дека проблемите што ги имале за добивање дозвола од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се надминати и се очекува планот за Попова Шапка да биде усвоен од Советот на Општина Тетово.
„Конечно добиеме позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување. Веќе имаме договор со Министерството за транспорт, сме во блиска координација и ни е ветено дека ако обезбедиме позитивно мислење од Дирекцијата дека ќе имаме одобрување и од страна на Министерството“, изјави градоначалникот Касами.
На последната седница на Советот на Општина Тетово, иако беше ставена како точка на дневниот ред „Предлог-одлука за конечен Предлог на Урбанистички план вон населено место – Викенд-населба на СРЦ Попова Шапка“, таа беше повлечена бидејќи сè уште се чекале согласностите од повисоките државни институции.
Еден од најспорните делови за донесувањето на ДУП за Попова Шапка е викенд-населбата. Таа започна да се гради во 1980-тите години век според изготвен урбанистички план, но во последниве две децении на овој простор беа изградени голем број викенд-куќи и други објекти како дивоградби, чии сопственици сега бараат нивна легализација. Од 2011 до 2018, до Општина Тетово се поднесени вкупно 120 барања за легализација на објекти во оваа населба.
„Од нив, 49 предмети се завршени и спроведени, додека 71 предмет сè уште се во постапка. Кај најголемиот дел од предметите што се во тек, постапките не се завршени поради нерешени имотно-правни односи. Помал дел од предметите, кај кои не се исполнети условите за добивање решение за легализација, се во фаза на жалбена постапка пред надлежните повисоки институции“, велат од Секторот за урбанизам на Општина Тетово.
На Попова Шапка има формирано и Заедница на сопственици на викендички од каде предупредуваат дека доколку со новиот ДУП во иднина се овозможи нови градби тоа ќе значи ширење на населбата, па затоа Општината треба да обезбеди подобри услови, односно ќе бидат потребни подобра електрична мрежа, поголеми количини вода за пиење, асфалтирање нови улици, нови паркинзи и слично.
„Веројатно во Општината имаат во план дека за ова ќе треба повеќе инфраструктурата, канализација, струја. Ние во зима имаме поголеми дефекти на мрежата. Паѓа системот бидејќи има многу викендици, а капацитетот на струја е мал, и со тоа имаме голем проблем“, вели Хавзи Ризвани, од Здружението на граѓани Попова Шапка.
Градоначалникот Касами вели дека со ДУП ќе нема легализација на дивоградбите на Попова Шапка.
„Со планот не се предвидува легализација, со планот сите парцели кои ќе се утврдуваат ќе се води процедура според Законот за продажба и давање одобрение за градба“, вели Касами.
Освен ова, во зимскиот период во екот на скијачката сезона една од најкритичните точки е сообраќајот и паркинг просторот на Попова Шапка. За надминување на овој проблем во тек е изградба на нов пристапен пат кој ќе оди од кај селото Лисец. Градоначалникот Касами е оптимист дека до почетокот на зимската туристичка сезона овој пат ќе биде завршен.
З. АНДОНОВ



