Володимир Зеленски изјави дека на руска територија има повеќе од 8.000 севернокорејски војници и дека се во тек подготовки за распоредување на уште 10.000. Повикувајќи се на нови податоци, тој наведе дека тие веќе се избираат за обука и за распоредување во Русија.
Во исто време, Владимир Путин нареди зголемување на армијата на 1,55 милиони активни воени лица, според претседателскиот указ од 28 септември. Оваа наредба доаѓа во време кога и Русија и Украина трпат сè поголеми загуби во војната во Украина. Со ова проширување, вкупниот број на руските вооружени сили ќе достигне 2.441.630 припадници. Од нив, 1.550.000 се активни воени лица, што претставува зголемување за 15.500.
Русија исто така планира зголемување на трошоците за одбраната. Таа планира да потроши 17,1 трилион рубли (202,58 милијарди долари) за одбрана во 2027 година, што е 27% повеќе од првично планираното и претставува највисока сума од почетокот на војната во Украина во 2022, се наведува во владините документи.
Според проценките на Украина и Јужна Кореја, Северна Кореја од 2024 испратила меѓу 14.000 и 15.000 војници како поддршка за руската војна во Украина, при што најголемиот дел од нив биле распоредени во регионот Курск за да помогнат во одбивањето на украинскиот упад. Пјонгјанг исто така ја снабдил Русија со милиони гранати, како и со балистички ракети и ракетни и артилериски системи.



