УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЛЈАЦИ КОИ СО ЧЕТИРИЦИКЛИ УПАДНАЛЕ ВО ВОЕНИ МАГАЦИНИ КАЈ ТЕТОВО, ТРОЈЦА ИЗБЕГАЛЕ

    УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЛЈАЦИ КОИ СО ЧЕТИРИЦИКЛИ УПАДНАЛЕ ВО ВОЕНИ МАГАЦИНИ КАЈ ТЕТОВО, ТРОЈЦА ИЗБЕГАЛЕПолјаците со четирицикли ја оштетиле влезната врата на објектот, по што четворица биле задржани од војниците на стража, а тројца избегале. (Фото: СДК.МК)

    Седум државјани на Полска вчера попладне неовластено влегле во просторот каде што се наоѓаат воени магацини на Армијата кај месноста Еребино во близина на Тетово. Тие со четирицикли ја оштетиле влезната врата на објектот, по што четворица биле задржани од војниците на стража, а тројца избегале.

    Од СВР Тетово велат дека случајот бил пријавен вчера од Воената полиција на Армијата.

    „На 28.09.2026 во 18:24 часот, од страна на Воената полиција на АРМ, во СВР Тетово е пријавено дека во местото викано Еребино во Тетово, каде што се наоѓаат воени магацини, повеќе лица со четирицикли ја оштетиле влезната врата од објектот. Војниците кои биле на стража на самото место задржале четири лица, сите државјани на Полска: Х. М. А. (55), Д. К. В. (55), К. В. (41) и К. Ј. Р. (36), додека други три лица со четирицикли се дале во бегство“, соопшти СВР Тетово.

    Четворицата Полјаци се лишени од слобода поради основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено влегување во воени објекти, предвидено во член 350 од Кривичниот законик.

    Полицијата презема мерки за пронаоѓање на останатите тројца. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци, велат од СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира