МВР под раководство на обвинител за гонење организиран криминал и корупција, уапси скопјани припадници на радикалата исламистичка група ИСИС (позната и како Исламска држава), за кои обвинителството отвори истрага за тероризам и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи. До терористичката група и нивниот арсенал со автоматско и друго оружје и муниција се дошло преку документи и информации кажани на тековен судски процес во Кривичниот суд, како и преку докази обезбедени преку меѓународна странска помош.
Откриената криминална група од Скопје била откриена на 28 септеври и таа е „инволвирана во вршење на кривични дела од областа на тероризам и недозволена трговија со оружје“.
Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси кај шест лица, на вкупно 12 локации на подрачјето на Град Скопје, при што од слобода биле лишени пет лица. При извршените претреси, се пронајдени и одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радио врски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина на електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства.
Во текот на претресите е утврдено и неовластено користење на електрична енергија за копање криптовалути, за што се преземаат дополнителни мерки и активности согласно законските надлежности.
„К. И. (34) во 2023 година започнал со делување во рамки на злосторничка организација – огранок со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, со цел извршување на кривични дела на територијата на нашата држава. Како припадник на терористичката организација ИСИС, вршел индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација ИСИС, а исто така ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје. Б. А. (24) и Е. С. (30) заедно со К. И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција“, соопшти МВР.
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска до Jавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднел кривична пријава против три лица од Скопје, К. И. (34) за сторени кривични дела Tероризам (чл. 394-б ст. 5 в.в. ст.1) и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи (чл. 396 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.6) од Кривичнјот законик, како и против Б. А. (24) и Е. С. (30) за сторено кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи (чл. 396 ст. 6 в.в. ст. 1) од Кривичнот законик. Веднаш е отворена истрага.
Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување мерка притвор, јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на тројцата осомничени да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.
С. К. ДЕЛЕВСКА



